Владиниот ултиматум за промена на регистерските таблички граѓаните не го прифаќаат, бараат да се даде друго решение

Ултиматумот на власта да се променат регистерските таблички со ознака „МК“ со нови на кои ќе биде ознаката “НМК“ ги револтира граѓаните. Тоа е непотребно и дури е понижувачко, а ако веќе мора да се прави (оти власта ветува се и сешто на странци) зошто не е со обична налепница што е многу, многу поевтино, е главната забелешка на голем дел од македонското население.

МВР ги упати граѓаните во станиците за технички преглед, каде што до 12-ти февруари следна година треба да се изврши замената што ќе чини околу 1.500 денари, а и ќе треба да се менува документацијата, зелените картони ако тоа се прави на средина од регистрацискиот период.

А во јавноста има многу жестоки реакции околу ова. Најмногу околу тоа што се бара целосно менување на сите таблички кои сега ја немаат ознаката „НМК“ и што се бара промената на таблиците да ја платат сопственците на возилата. Се појавија и петиции со кои се укажува дека ниту во самиот Преспански договор со Грција ја нема обврската да се менуваат комплетни регистерски таблички.

-Според член 3 алинеа Д од Преспанскиот договор, треба да се симни само ознаката на регистарските таблици и да биде „НМ“ или „НМК“. Никаде не пишува дека треба да се сменат таблиците, се потенцира во објавата. Стоп за непотребното ограбување на граѓаните, се наведува во објавата која кружи по социјалните мрежи.

Од друга страна, граѓаните тврдат дека нема потреба промената да биде на нивен трошок бидејќи тие веќе еднаш платиле за да ги добијат табличките кои сега се во нивна приватна сопственост.

Оттаму, и не зачудуваат бројните реакции на граѓаните по повикот на МВР. Стотици и стотици нивни коментари се напишани на Фејсбук-странцата на „Скопско ехо“ како израз на противење на ваквата одлука на властите.  

-Зошто не се без пари табличките? Народот не бараше да се смени името, напротив 80 отсто од луѓето не беа да се смени името на државата. Сега државата нека ги менува сите документи на нејзин трошок. Во едно 4-члено семејство, а некаде има и повеќе да се менуваат сите документи, тоа се големи пари, напиша една граѓанка.

-А бре, што ќе менуваме таблици и броеви? Нека најдат решение на постоечките да се става налепници. Или, нека направат бесплатни со нашите постојни броеви, смета наша читателка.

-Со 50-100 денари за налепница се ќе се заврши, нема потреба од целосно менување. Само една маркица нека ни дадат ќе си ја залепиме и толку поевтино нема, вели друг граѓанин

Еден граѓанин напиша дека таблиците се приватна сопственост на граѓаните.

-Ова е безобразие. Штом еднаш ја платам таблицата е моја, како на Запад (нели ние се стремиме кон нив). Дали е возилото отуѓено или нерегистрирано таблицата си (треба ) да останува во сопственикот затоа што си ја платил. Но, неписмени и несплотени сме како народ и кој стигна ќе си поигрува со нас и нашите финансии, порача тој.

Другите граѓани во свои коментари укажуваат дека сето ова е со целта да се наполни државниот Буџет и нечии џебови.

-Буџетот е празен треба народот да го полни, напиша еден читател.

-Ќе ни ги платат ли одземените таблици, прашува друг.

Има граѓни кои укажуваат дека се измамени.

-Големи мангупи се власта. Во 2019 регистрирав возило на мое име. Ми дадоа таблица со РМ иако секаде во другите општини имаа нови регистрации со НРМ, уште тогаш. Значи, да ги допотрошат старите таблици ми плеснаа една таква мене. Сега пак ќе треба нова, се пожали овој граѓанин.

Некои се категорични дека нема да постапат по барањето.

-И да ги променат, на моето возило нема да ја има „Северна“, макар секој дена казна да плаќам, најави еден граѓанин…

Има реакции и укажувања дека дури и во Грција се возат возила со  2-3 генерации на регистарски таблички и се шека тие постепенои самите со годините да исчезнат и да останат само најновите. Зошто да не биде така и во Македонија?

Едноставно, граѓаните не го прифаќаат решението на власта. Владата иима време и треба да почне да бара ново решение.

Претходна вестВчера возев низ Македонија, денес страв ме фаќа од дома да излезам
Следна вестЗоран Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа