Илјадници антивладини демонстранти се собраа викендов во главниот град на Чешка, Прага, незадоволни од високата инфлација и воената поддршка која Чешката Влада и ја дава на Украина. Протестите ги организираше новата политичка партија Закон, почит, стручност (PRO), а самиот митинг беше наречен „Чешка против сиромаштијата“, пренесува „Вашингтон пост“.
Противниците на владата на Петар Фиала тврдат дека тој повеќе се грижи за Украина отколку за својот народ.
Додека учесниците ја повикаа коалициската влада да поднесе оставка, лидерот на партијата Јиндрих Рајхл рече дека сакаат „влада која пред се ќе се грижи за интересите на чешките граѓани“.
– Денеска се собравме да го изразиме нашиот револт против сиромаштијата, рече Рајхл пред толпата.
Демонстрантите побараа чешките власти да престанат да даваат воена поддршка за Украина, која се соочува со руска инвазија. Од партијата ПРО ја обвинуваат Европската Унија за скокот на цената на енергенсите.
Инфлацијата во Чешка благо падна на 16,7% во февруари од 17,5%, што беше еден месец претходно. Украина беше клучно прашање на денешните протести, а насобраната толпа повика на мирен прекин на војната. Некои луѓе на своите торби ја имаа буквата „Z“, симболот на руската армија.
– Стоп за војната, стоп за НАТО, извикуваа тие.
По почетокот на руската инвазија во февруари минатата година, Чешка силно ја поддржа владата во Киев. Почна да ја снабдува украинската армија со оружје и прими половина милион воени бегалци.
Чешките медиуми објавија дека еден демонстрант користел мегафон за да ја повика толпата да го симне украинското знаме што се вееше на зградата на Националниот музеј.