Намалување на цени на млекото и на млечните производи како и на тестенините се случи денеска по скопските маркети, првиот ден од важноста на владината одлука за намалувањето на нивните цени за 10 до 15 проценти. Вработените во маркетите денеска се ангажирани околу менувањето на цените на овие производи, а за што информациите ги добиле во доцните попладневни часови вчера. Пониски цени, според владината одлука, од денеска имаат макароните, шпагетите, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урдата, кравјото и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.
Екипата на „Скопско ехо“ денеска посети дел од скопските маркети во коишто граѓаните често пазаруваат. На гондолите веќе беа истакнати новите цени. Така во еден маркет од трговскиот синџир кој е познат по пониските цени можеше да се видат и намалените цени. На пример, кравјото сирење коешто вчера чинело 313 денари сега чини 281, мешано сирење од 452 денари е намалено на 406 денари, а кравјиот кашкавал од 509 на 458 денари. Трајното млеко со 3,2 масленост сега чини 65 денари а претходно 72. Цената на еден производител на трајното млеко тука не беше намалена тука остана иста како и вчера – 62 денара. Макароните, пак, тука се намали за за 6 денари, беа 47 а сега се 41 денар.
-Добро е што се намалија некои цени на сирењата. Беа, навистина, преголеми. Но и вака се скапи за нашите пензии. Се надевам дека поевтинувањето ќе продолжи. Ако се поскапат пак, ништо ова нема да значи, ни рече еден пензионер од Кисела Вода.
И во друг трговски синџир вработените истакнуава нови цени. Најчести промени имаше на гондолите со млечните производи. Така, најголемо намалување забележавме кај мешано сирење на еден производител чијашто цена од 472 денари за килограм сега е намалена на 405 денари, односно, за 67 денари. Едно кравјо сирење има намалена цена за 47 денари – од вчерашните 467 на 420 денари. Кај кашкавалите најголемо намалување е 70 денари по килограм – од 560 денари на 490. Кравјото кисело млеко на намалено од 34 на 31 денар, а јогуртот од 80 на 72 денара. Забележавме и тоа дека во овој маркет денеска немаше еден вид јогурт во литарско пакување за разлика од вчера. Еден вид мешан кашкавал имаше иста цена како и вчера – 656 денари. И тука еден вид трајно млеко беше поевтин од 70 на 62 денара, а другиот од 74 на 68 денари.
Макароните пак се со намалена цена од 7 до 9 денари. Оние што чинеле 58 сега се 49 денари, а оние што беа 49 сега се 42 денара.
-На граѓаните и ова пак им е скапо…, ни рече еден продавач додека редеше нови цени.
Министерот за економија Крешник Бектеши синоќа најави дека ако по 31 мај цените на овие производи повторно се нелогични можно е да следува и ново замрзнување на цените. Според Бектеши, не се очекува недостаток на овие производи, а вели и дека ниту една компанија нема да има загуба зашто е даден дозволен процент на профитна маржа, што значи дека не се укинува одлуката за маржите, тоа продолжува да важи, само паралелно се замрзнуваат цените.
Од Државниот пазарен инспекторат најавија дека од денеска нивните инспектори ќе бидат постојано на терен и ќе контролираат дали цените производите опфатени со оваа владина одлука се намалени за 10, односно 15 отсто.