Скопје последниве две децени го направија – асфалтна џунгла. Скопјани кукаат и бараат промени на оваа појава, ама…
Еве, асфалт како подлога се стави и на тротоарите по маратонската полугодишна реконструкција на неколкуте стотини метри на дел од скопскиот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Па, така, сега и коловозот и пешачките патеки се од ист битуменски материјал, имаат иста боја, иста миризба, исто делуваат на околината кога се изложени на силното сонце…
Граѓаните, реагираа околу ова.
-Не знам дали тоа им е најевтино или баш им е гајле во што го претворија Скопје, ама ова е загрижувачко. Почвата веќе не може да дише, се поклопија со црн асфалт, е една од многуте реакции на социјалните мрежи.
Скопјани сметаат дека асфалтот како материјал е крајно непогоден за да биде подлога и за тротоарите. За тоа има повеќе причини: направен е од мешавина на битуменски смоли, чакал, други хемиски адитиви и преработки на нафта, а сето тоа посебно во летни услови содава непријатна миризба и станува извор на дополнително затоплувањето на околината. Се споменува и дека не пропушта вода во почвата…
Но, за жал, ова не се први асфалтни тротоари коишто се прават на ваквиот начин во градот. Всушност, тоа е тренд при сите реконструкции на улиците коишто последниве години се прават во Скопје – на булеварот „Кочо Рацин“, на булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“, на улицата „Васил Карангелевски“…
Како тргнале, може наскоро и во градските и општинските канцеларии наместо паркет ќе ставаат асфалт?