Попот Антим Поповски и се борел против фашистите и во 1943 година работел на возобновување на МПЦ

Македонската Православна Црква е еден од столбовите на кои се потпирал македонскиот народ. На кого се потпрела црквата откако во 1767 година беше неправедно и некаконски укината Охридската архиепископија? Се потпрела пред се на македонскиот народ кој не сакал да подпаѓа под туѓи влијание и на истакнати поединци кои имале силна верба, вера и цел –  некои личности кои посебно се истакнале во возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Многу животи, многу дела се вградени во тој стремеж. Низ годините потоа на македонската почва се менуваа многу туѓи црковни јурисдикции кои имаа за цел и да го однародат македонскиот народ. Но, сето тоа беше безуспешно а вековниот стремеж на македонскиот народ почна да се остварува во текот на Народноослободителната војна во текот на Втората светска војна.

Клучен и почетен настан за тоа, за обновувањето на Охридската архиепископија, секако е  1943 година кога во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната територија на Дебарца. Триесетте народни свештеници, изразувајќи ги стремежите и определбите на православното свештенство и на верниците од цела Македонија, донесле мошне значајни одлуки: Свештениците и македонските христијани биле повикани да се вклучат во Народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска.

Според одлуките на собирот, откажана била секаква јурисдикција на туѓите цркви врз Црквата на Македонија, а во црковната администрација бил воведен македонскиот јазик. Притоа свештениците се ставиле на располагање на народната власт. Потоа била формирана првата организирана црковна власт, со архиерејско намесништво, а за прв намесник бил поставен заслужниот деец и учесник во НОВ, прота-ставрофор Антим Поповски.

Името на Антим Поповски, чијашто годишнината од починувањето во 1987 година се одбележува денеска, трајно е запишано во историјата на македонскиот народ и за Македонската православна црква. Тој е роден во Слатино, охридско во 1900 година. Немал можност да ја заврши богословско–учителската школа во Битола, бидејќи бил протеруван од школските управи како син на бунтовник и опасен за тогашната српската власт во Македонија.

Како печалбар во Белград воспоставил контакти со напредни студенти и работници и бил посетител на друштвото Вардар организирано од македонските студенти во Белград. Таму се сретнал со Петре Пирузе, со Петар Богданов – Кочко, Кузман Јосифовски Питу и многу други личности од кои се надоградувал и го збогатувал своето знаење. Антим со својот ангажман ја освојува довербата на Кузман Јосифовски Питу, Михајло Апостолски, Методија Андонов Ченто кои престојувале во Дебрца.

 

Петре Пирузе заедно со Кузман Јосифовски Питу во ноември 1941 година го организирале неговото запопување во Тирана кај владиката Кристофор. Потоа во рамките на НОБ делува како свештеник и во 1943 година тој станува прв архијерејски намесник за ослободената територија. Тој е прифатен за член на проширениот состав на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и ја води комисијата за верски прашања. Набрзо, станува и еден од иницијаторите и организаторите во Главниот штаб за организирање на Првиот свештенички собор во октомври 1943 година во село Издеглавје, каде се поставени темелите на МПЦ и се донесени многу значајни историски одлуки за МПЦ, македонскиот народ и за движењето.

Сите подоцнежни одлука за обновувањето на автокефалноста на МПЦ, практично, се темелат на одлуките од Издеглавје во кои е вградено и делото на Антим Поповски.

Претходна вестСончево и топло време со малку облаци
Следна вестСкопјанец агресивно се однесувал кон полицајци, имал и нож