Вчудоневиденост од дрскиот предлог на група пратеници во македонското Собрание за дополнување на Законот за заштита на културното наследство заради изградбата на автопатите, изрази денеска Македонското археолошко друштво, археолошка фела и стручните лица во установите за заштита на културното наследство. Тие потенцираат дека ваквото законско решение е изработено без вклучување и консултирање на стручната јавност.
-Со предлогот на група пратеници заради изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10д, се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, реагира Македонското археолошко друштво.
Предлог-законот е поднесен на 3 април од Арбер Адеми и група пратеници од ДУИ, а ставен е на дневен ред на седницата 112 закажана за понеделник. Според Предлог-законот, се дополнува членот 65 , согласно кој изведувачот на градежните работи на проекти од државен интерес има обврската да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи. Предлог- законот ги намалува обврските на изведувачите на градежните работите на проекти од државно значење кои произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште и археолошки предмети.
-Очигледно е дека со предложеното додавањето на еден став во член 65 од Законот сеправи обид за целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита. Со предложените, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: ‘Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање настратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа –Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола)’ се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес. Пратениците, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и сеостварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок, стои меѓудругото во реакцијата на Македонското археолошко друштво.
Археолозите го повикаа пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратеници предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство. Археолозите велат дека „за шверцерскиот обид со кој би се легализирало уништувањето на културното наследство Македонското археолошко друштво ги извести сите политички фактори во државата, претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните институции за заштита на културното наследство“, и најавуваат протест за в понеделник, 10 април во 10 часот пред Собранието.