Кампања „И јас и ти сме пешаци!“: Задолжително да се почитуваат сообраќајните правила

Со почеток на кампањата за подобрување на безбедноста на пешаците „И јас и ти сме пешаци!“ во Штип денеска започна Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје.

Претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска рече дека целта на кампањата е подигнување на свеста на пешаците дека се рамноправни учесници во сообраќајот и дека задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Но, и возачите мора да ги почитуваат правилата за да обезбедат безбедност за пешаците.

-Денеска во Штип се реализираа активности од кампањата за пешаци. На граѓаните им беше поделен едукативно-превентивен материјал и им се даваа препораки за однесување во сообраќајот затоа што безбедноста на пешаците и на возачите е заедничка грижа и заедно треба да придонесеме за поголема безбедност во сообраќајот. РСБСП упатува апел до пешаците: Почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот. Задолжително преминувајте на означен пешачки премин. Безбедноста секогаш нека биде на прво место, рече Кожуваровска.

Според деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски оваа кампања значително ќе придонесе за актуелизирање на предизвикот за безбедно учество во сообраќајот.

-Јасно е дека само преку континуирани и добро реализирани мерки и активности, може да влијаеме на сообраќајната култура, секој учесник во сообраќајот да сфати дека од него зависи и неговата и безбедноста на сообраќајот на сите, рече Дујовски.

Помошникот на министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура и со тоа на зголемување на безбедноста во сообраќајот.

-Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Пешаците да ја преминуваат улицата само на пешачки премини и да ја почитуваат светлосната сигнализација односно никако да не ја преминуваат улицата доколку семафорот свети црвено. Не зборувајте на телефон додека преминувате улица туку целото свое внимание насочете го кон безбедно преминување од другата страна. Возачите пак, особено да внимаваат и да ја намалат брзината кога се приближуваат до пешачки премин и да им даваат предност на пешаците, рече Ангеловски.

Претходна вестАрхеолозите реагираат: Заради изградба на автопатите се овозможува бескрупулозно уништување на културното наследство
Следна вестВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива и Демократски сојуз го одбиваат и го условуваат учеството во работната група за уставни промени