ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива и Демократски сојуз го одбиваат и го условуваат учеството во работната група за уставни промени

Одбивање и условување на учество во работната група за промена на Уставот искажаа денеска опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива и Демокртаски сојуз. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повтори дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

-Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментиарат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени, рече Мицкоски,  на новинарско прашање при посетата на Булачани.

И партијата Алтернатива соопшти дека нема да учествува во групата.

-За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската унија. Освен тоа, Алтернатива не може да седне на иста маса и да дискутира на оваа тема со партии кои уште не се изјасниле за нејзиниот предлог-амандман за борба против политичката корупцијата.  Ако некој сака да ја види Алтернатива како дел од тие дебати, првин треба да понуди реална можност за политички консензус, а како второ на дневен ред да биде нашиот уставен предлог-амандман за борба против корупцијата, соопштија од оваа партија.

Демократскиот сојуз го услови своето учество.

-Демократскиот сојуз нема да учествува во работната група за промена на Уставот и смета дека пред да почне постапка за внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет. Македонците треба да бидат признаени и да можат да се организираат и здружуваат преку формирање културни центри, здруженија на граѓани, политички партии и други форми на асоцијации, заради негување и афирмација на културните, јазичните, историските и другите обележја, права кои во Македонија ги имаат сите етнички заедници, вклучително и Бугарите.

 

-Сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот. Поради тоа, Демократскиот сојуз нема да номинира свој претставник во работната група за промена на Уставот, велат од партијата.

Претходна вестКампања „И јас и ти сме пешаци!“: Задолжително да се почитуваат сообраќајните правила
Следна вестСДСМ: Мицкоски само го следи Апасиев, заедно се против ЕУ