Катастрофални по работничките права се предложените законски измени поврзани со изградата на автопатите на коридорите 8 и 10 –Д, реагира денеска Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Синдикатот ги повика пратениците сериозно да размислат пред да го дадат својот глас.
-Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела, соопшти ССМ.
Според ССМ, „Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации“. На тој начин, соопштува ССМ, не само што ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани – даночни обврзници во странски компании туку сака и да им овозможи на овие компании како Бехтел и Енка да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.
-Спротивно на принципите на меѓународното трудово право, конвенциите на МОТ, одлуките на Уставниот суд кој детално се произнесе по тие прашања и ги прогласи за неуставни одредбите од Законот за градба на автопатиштата од страна на „Бехтел и Енка“ каде што спротивно на сите правни правила и спротивно на здравиот разум сакаа тие работници да работат по 60 и повеќе часови, како и тоа што го апсолвираше прашањето за уставноста на одредбите на Законот за работните односи со кои недела е неработен ден, за пратениците предлагачи овие Одлуки на Уставниот суд се ништо повеќе од тоалетна хартија и на мала врата по нивен предлог во понеделник, пратениците од владеачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот и работнциите кои работат на проекти од национален и стратешки интерес за Република Македонија, работниците да немаат слободен ден и да работат во недела, стои во соопштението од ССМ.
На дневениот ред на 112-та седница на Собранието закажана за в понеделник се девет предлог закони поврзани со проектот, меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.
-Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес за Македонија. Дополнително се воведува можноста за работа во недела како и прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот, стои во образложението на Предлог законот.
Предложени се измени и на законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за заштита на културното наследство, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за шумите, за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-Д.