Македонскиот фудбалски дијаман, Елиф Елмас, синоќа со својот клуб Наполи претрпе пораз од Милан во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Сепак, се ќе се реши на реваншот кој ќе се игра во Наполи, каде Елмас и неговата дружина треба да надокнадат само еден гол разлика.
Нашиот репрезентативец го одигра целиот синоќешен натпревар. Имаше необична задача да игра како лажна 9-ка. Тренерот Спалети верува во него, а и го немаше на располагање повредениот осимен.
По мечот тренерот на Елмас го пофали македонскиот репрезентативец.
-Им честитав не на моите момци, туку на моите професионалци кои се исклучително добри. Елмас притискаше да не можат никогаш да ги почнат акциите лесно. Истрча многу и им ја комплицираше секоја конструкција, па мораа често мораа да кружат широко со топката. Имаше помалку шанси за гол отколку еден напаѓач, но ги принуди да не можат да играат многу течно, истакна Спалети.
Изјава за италијанските медиуми даде и Елмас:
-Можеме да направиме пресврт на нашиот стадион. Мислам дека добро се најдов како прв напаѓач, истакна тој.
За судиската арбитража на мечот Елмас вели:
-Судијата ги казни сите наши играчи, а и тие правеа исти фаули како нас, но останаа без жолти картони. Нешто досега невидено. Поради тоа и бевме нервозни на теренот до одредена точка.
Инаку, Елмас иако не доби на натпреварот доволно топки во нападот, сепак за малку ќе постигнеше гол кога добро реагираше на нафрлена топка и ја погоди пречката.