Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил три кривични дела – разбојништво согласно член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 16 мај минатата година осомничениот повторно маскиран влегол во обложувалница на ул.Филип Втори Македонски и се упатил кон пултот за наплата. На вработената ѝ се заканил со нож, директно насочувајќи го кон неа и принудувајќи ја да му даде 207.000 денари и 200 евра.
При последниот настан, на 18 април годинава, осомничениот маскиран се заканил со нож на вработена во аптека на ул. Димитар Илиевски – Мурато. Ја натерал да му го отвори сефот и ги одзел хартиените пликови внатре, сметајќи дека одзел пари. Всушност, во пликовите имало сметки и други документи. Осомничениот ја натерал оштетената да влезе во тоалетот, ја затворил внатре и избегал.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оцени дека постои опасност од бегство, можност да го повтори делото и да влијае врз сведоците/оштетените. Судијата го прифати ваквиот предлог и му определи притвор во траење од 30 дена.