Лесно изградија 1.300 километри патишта, ама 7-те километри кај Катланово тешко им одат

Наближува летото кога многу странски туристи ќе нагрнат по главниот македонски автопат за да одат во Грција. Патарините ги „стегнавме“ и ги чекаме. Ама што ќе видат тие друго: дека реконструкцијата на автопатската делница од Катланово до Петровец и оваа година не е завршена. Ќе ни се смеат, а и ќе се нервираат оти пак ќе се движат по една лента 7-8 километри.

Зарем македонските граѓани нема да се нервираат па странците ги споменуваме прво? Одговорот индиректно пред извесно време го даде премиерот Ковачевски:

-Факт е дека за само пет години, од 2017 година наваму, изградени се патишта во должина од околу 1.300 километри, што е значително поголема динамика, ако се земе предвид дека во претходниот 10-годишен период биле изградени двојно помалку патишта низ земјата, само околу 650 километри, објасни неодамна премиерот Ковачевски.

Значи, македонските граѓани не би требало да се нервираат за неколкугодишното доцнење на реконструкцијата на делницата Петровец – Катланово. Оваа власт направи 1300 километри патишта, па може народот да се стрпи за овие „смешни“ 7 – 8 километри ако треба уште 3-4 години.

Е сега факт е дека на секој и малку сериозен политичар и функционер кој е одговорен за завршување на оваа делница би му било срам, ама па да се срамат ли баш сега кога најавија нови 110 километри автопатишта за кои ќе се потрошат милијарда и 300 милиони евра?

И да не заборавиме министерот Бочварски лани вети дека делницата Катланово – Петровец ќе биде наскоро готова.

– Деновиве започнуваат мерењата на терен, да се направат дополнителни мерења од страна на новиот изведувач и секако од почетокот на наредната година очекуваме и градежни работи согласно временските услови. Нашите очекувања се дека оваа делница мора да биде завршена наредната година бидејќи тоа го должиме на граѓаните, рече тогаш Бочварски.

Ете има ветување, тоа им го должеле на граѓаните. Затоа македонските граѓани не треба да се нервираат за патот Петровец – Катланово. Нека се нервираат странците, тие не ги знаат деталите и фактот дека нашата власт многу гради.

 

Претходна вестСе преврте возило на Брза помош во Скопје, повредени четири лица
Следна вестМаж загина во Катланово, паднал во отворена и необележана шахта