11 куршуми биле потребни за да го соборат Јане Сандански – македонскиот херој против кого биле султан, кнез, крал, предавници…

Големото дело на македонскиот војвода и револуционер Јане Сандански обврзува. Сегашните генерации на Македонци треба често да му се навраќаат на сето тоа што тој го направил за слобода на Македонија и македонскиот народ. Деновиве посебно се оддава почит на херојот кој загина во овој период во 1915 година.
Многу има да се каже за Сандански, за него и неговото дело и цели томови на книги да се напишат е малку. Во нашиот бесплатен весник „Скопско Ехо“ пред извесно време познатата историчарка Наташа Котлар напиша колумна во која убаво се отсликува големиот македонски револуционер.

Тој текст го пренесуваме во целост:

-Луѓето со македонско нацинално достоинство, чест и историско паметење овие денови му оддаваат почит на ЈАНЕ САНДАНСКИ (1872–1915), еден од најзначајните двигатели на македонското револуционерно движење. Тој, не се вклучил во ова движење, туку така, по свој ќеф, не излегол в планина само да се прошета на чист воздух и да загине, оти многу му се гинело. Тргнал да се бори против сите оние што ѝ кроеле црна кошула на Македонија, против сите оние што ѝ токмеле свилен гајтан на Македонија и не мислел да се врати назад, пишува, П.Темелковски во монодрамата „Пиринскиот цар“.

И во право е! На 10 април (23 април н.ст.) 1915 г. Ј. Сандански е убиен во полите на Пирин планина, во местото Папазчаир (денес во Р Бугарија). Наидувајќи на заседа, врз него бил истурен дожд од куршуми, а во неговото тело биле нанижани единаесет куршуми, што биле испукани од манлихерите на прикриените стрелачи.

Последниве, биле само извршители – „измамници, платени наемници, туѓи агенти“. Но, како вистински виновници и инспиратори, Јаневите современици ги посочуваат: „Султанскиот аскер, шпиони, султан Абдул Хамид, кнез Фердинанд Кобурготски, грчкиот крал Георги – сите заедно беа против еден: Сандански – против достоинствениот син на македонскиот братски народ… Деталите за тоа гнасно дело на бугарскиот двор се знаат…“

Иако бугарскиот државен национализам му пресудил, Јане Сандански за македонскиот народ е војвода – организатор, идејник и агитатор на Тајната македонско–одринска револуционерна организација (ТМОРО), револуционер и општественик, народен мобилизатор во вистинска смисла на зборот. Тој е идејникот и главен водач на грабнувањето на американската протестантска мисионерка мис Елен Стон, заради добивање на парични средстава за револуционерната организација (ТМОРО).

Оваа афера е клучниот настан што го афирмирал понашироко неговото име. Верен на револуционерниот концепт за ослободување на Македонија, тој од Пиринскиот крај направил тврдина на антиврховистичката борба. Сандански е најнепосредниот следбеник на Делчев, по чија смрт не постоела друга личност во движењето која можела да се претстави како негов предводник и во организациска и во принципиелна смисла.

Како таков, Сандански се истакнал и со борбите по улиците на Цариград за соборување на султанот и со сето она што го создал во младотурскиот период (Сандан-паша), во и по балканските војни. Неговите мисли сè уште се актуелни: „Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна. Македонија на Македонците“ (1903); „Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во себе“ (1905); „Да живее големата народна борба! Да живее народот!“ (1908).

Името на Јане Сандански за македонскиот народ е симбол на борбата за слобода, независност и самостојност. Затоа неговото име и се споменува во македонската национална химна „Денес над Македонија се раѓа“, како апотеоза на македонската борба за слобода и за државност.

Затоа треба да се почитува овој македонски великан и да се повторува – пренесува неговата животна историја, пример за борба!, напиша професорката Котлар.

Претходна вестМаж загина во Катланово, паднал во отворена и необележана шахта
Следна вестВо градинките лани биле згрижени 35 932 деца