Со стоечки овации од навивачите на Интер и на Лацио беше придружена денешната пригодна свеченост на миланскиот стадион „Џузепе Меаца“ на која на Горан Пандев му беше врачен дрес на миланскиот прволигаш со број 27. Македонска фудбалска икона и најуспешниот македонски фудбалер во историјата, Горан Пандев, денес го посети стадионот „Џузепе Меаца“ и го проследи натпреварот помеѓу неговите поранешни клубови, Интер и Лацио.
Воедно, популарниот Гоче доби урамен дрес од „нероаѕурите“, тим за кој играше во периодот од 2009 до 2012 година, период во кој се радуваше на шест титули меѓу кои беше и онаа незаборавната во Лигата на шампионите во 2010 година.
Ова е само уште една потврда за големината на нашиот Гоче во Италија, а неговите одлични партии во дресот на Интер не се заборавени од искрените фанови на клубот.
Пандев се врати во Интер, откако имаше големи проблеми со претседателот на Лацио, Клаудио Лотито кој го суспендираше од тимот, а струмичанецот немаше настап цели шест месеци. Сепак, огромна доверба му даде Португалецот Жозе Мурињо, кој го доведе поранешниот капитен на македонската репрезентација во јануари истата година и веднаш му даде шанса во првиот тим на Интер. До крајот на сезоната Пандев настапи на 22 натпревари за „нероаѕурите“, а сезоната беше комплетирана со спектакуларната „триплета“, кога Интер ги освои сите можни натпреварувања, вклучително и Лигата на шампионите.
Пандев даде и кратка изјава за „Скај Спорт“ и рече дека е навистина среќен за големата чест од неговиот поранешен клуб.
-Многу емоции се во прашање. Враќањето овде секогаш ми претставува огромно задоволство. Да играш на овој стадион за мене беше остварување на сонот. Пресреќен сум што се вратив во Милано и искрено се надевам дека Интер ќе триумфира на денешниот натпревар, изјави Пандев, а пренесе порталот Гол.мк.