Македонската машка ракометна репрезентација вечерва во Скопје, потешко од очекувањата, ја совлада Турција со 30-27 во завршниот квалификациски натпревар и со победа го завери настапот на Европското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.
Македонските ракометари во првото полувреме беа во константно водство кое изнесуваше највисоки четири голови разлика (7-3, 9-5), но Турција со два погодоци во завршницата замина на полувреме со „егал“ (15-15).
Поинаква слика на паркетот во салата „Борис Трајковски“ донесе второто полувреме, кое турските ракометари го отворија со серија од 3-0, одржувајќи ја предноста до 55. минута кога македонските репрезентативци, предводени од одличниот голман Мартин Томовски, првпат се врати во водство (26-25).
Со серија голови на Марко Митев, избраниците на селекторот Кирил Лазаров успеаја до крајот на натпреварот да ја сочуваат предноста, а завршниот гол од седум метри го постигна 36-годишниот Гоце Георгиевски, кому ова му беше последен настап во националниот дрес што го носеше изминатите 16 години.
Македонија го заврши настапот во квалификациската група 1 на второто место со четири победи и два порази и заедно со првопласираната Португалија обезбеди место на завршниот турнир во Германија.
Селекторот Кире Лазаров најави дека во иднина ќе биде многу повнимателен при селекцијата на тимот.
– Ние бевме фаворити на хартија и го остваривме тоа што го сакавме, но ова не беше истата Турција со која игравме на гостински терен. Некако не бевме доволно фокусирани, се однесувавме како се да е завршено. Денес уште еднаш се покажа дека со секој противник треба да бидете подготвени за борба. Добро е, успеавме од дефицит од четири гола, да отидеме на плус четири и тоа е одлика на големи екипи, но увидов и некои други работи. Во иднина добро ќе размислам кого ќе повикам во националниот тим. Јас им верувам на сите, дадов шанси, но сега ми се отворија очите после овој меч. Некои работи кои ни се повторуваат, треба да бидат решени, рече Лазаров