Деновиве, археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола е нападнат од диви копачи, во самиот негов центар, укажа денеска Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението се наведува дека власта на СДСМ постојано докажува дека нема никаква допирна точка со цивилизациската оставнина на територијата на Република Македонија.
-Долга е редицата на незгрижени и уништени археолошки и архитектонски добра. По незаконското рушење на хотелот „Шар“ во Старата скопска чаршија, уништувањето на неолитскиот локалитет Влахо во Битолско итн., на ред дојде археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, град основан кон средината на ИВ век пр. н.е. од страна на кралот Филип ИИ Македонски. Деновиве, археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис е нападнат од диви копачи, во самиот негов центар. „Сестраната стручност“ на директорката на Заводот и музеј – Битола, д-р Мери Стојанова не успеа да го заштити овој значаен археолошки локалитет од алчноста и несовесноста на дивите копачи, се потенцира во обраќањето.
Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ јавно ѝ упати неколку прашања на директорката: Дали овој криминален случај е пријавен во МВР? Дали зад ноќното обезбедување стои Агенцијата за приватно обезбедување „Карпатија“? Кој всушност го обезбедува археолошкиот локалитет од 20:00 часот навечер до 7:00 часот наутро? Зошто е укината стражарската служба од самиот Завод и музеј? Зошто денското обезбедување е различно од ноќното?
-Во очекување на одговорите, не може, а да не се заклучи дека маргинализирањето на културното наследство од страна на власта нè води кон самото дно – национално и културно, потенцираат од најголемата опозициска партија.