„Цените пораснаа, платите пропаднаа“, „Власта слуга на капиталот“, „30 часа работа“, „Колективен договор за сите“, „Прекувремената работа ги убива работниците, ќебапи за работниците, а бифтеци за функционерите“, „Пратениците нека работат 60 часа неделно“.. беа само дел од пораките и пароли испратени денеска од првомајски синдикални протести. Пред Владата, во одделни протести, незадоволството од положбата на работниците искажаа членови на Конфедерацијата на слободни синдикати и на Сојузот на синдикатите на Македонија. Синдикалците посебно незадоволство искажаа во однос на зголемувањето на функционерските плати, како и промените во законите врзани за изградбата на автопатските коридори во Македонија.
Работниците се лути на функционерите кои си добија покачување на платите за 78 отсто, а минималната плата ја зголемуваат за 2.000 денари.
-Денес ќе им се обратиме на оние кои си ги покачија платите за 78 проценти а нас не убедуваат дека 2.000 денари се доволни. Е па не може вака. Мора да добиеме и ние покачување за 78 отсто, исто како нив. Ќе им се случи народ бидејќи не се грижат за работниците, порача Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати на својот протестен марш под мотото „За правда, за еднаквост“ порачаа дека состојбите не се менуваат. Тие пред Влада симболично запалија скара. И од овој Синдикат негодуваат на енормното покачување на платите на избраните и именуваните функционери од 80 отсто што го овозможи Уставниот суд.
-Имаме барања од Владата. Пет години ги имаме истите барања. Бараме почитување на законите, барање подобар животен стандард, бараме почитување на работникот и неговиот труд, бараме зголемување на платите согласно законот за минимална плата, бараме К-15 согласно стандардите, бараме спроведување на колективните договори, рече Зоран Антовски од КСС.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски најави дека ќе сторат се за да се воспостави правдата.
– Изминатите години искажуваме какви се реалните состојби во државата во однос на работничките права и кршењето на закони и колективните договори. Не се согласуваме „ќебапче за работникот, бифтек за власта“, тоа ниту е правда, ниту е правичност, ниту еднаквост, се ќе сториме да ја доведеме правдата во Македонија, правдата во однос на социјалниот дијалог, партнерство и почитување на работничките права. Исто и за правото за пристоен живот, тоа одамна го кажавме, а се уште кубуриме. „Без социјална правда нема социјален мир“ овој слоган го изнесовме пред неколку години на улица и кажавме дека нема да има социјален мир, додека нема социјална правда. Токму затоа и денеска сме тука не само поради симболичниот ден 1 Мај, туку да искажеме и дека доколку и понатаму нема социјална правда ќе нема ни социјален мир, порача Неделковски.
Тој додаде дека доколку работниците не добијат пристојна плата, работа и пристоен живот, во иднина ќе се води пожестока борба.