Владата на денешната седница одлучи предложените пет законски измени наменети за „Бехтел и Енка“, односно за изградба на автопатите од Коридор 8 и 10д, да одат по скратена постапка со европско знаменце, информира денеска вицепремиерот Артан Груби. На прес-конференцијата во Владата тој наведе дека на тој начин ќе се избегне блокадата од опозицијата.
-Увидувајќи ја очигледната блокада од опозицијата Владата денес усвои пет предлог закони кои ќе ги достави до пратениците. Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратешко значење заедно со Коридорот 10 и кракот 10 д и дека за овие закони веќе подолго време во нашата јавност се води дебата и во Собранието и во Владата и во медиумите, одлучивме законите да се предложат со европско знаме. Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра, пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните стратешки проекти само заради дневна политичка агенда. Од пратениците зависи дали ќе биде побрзо и поевтино или поспоро и поскапо. Ние, сите заедно во Владата сме за опцијата поевтино и побрзо, рече вицепремиерот Груби.
Тој додаде дека на министрите на средба со „некоја група од интерес“ им било укажано дека направиле ненамерна грешка во претставувањето на договорот со „Бехтел и енка“ пред јавноста, за што тој денес на прес – конференција во Владата се извини.
-Најискрено да се извинам на новинарите и на јавноста ако не сме успеале во целост, доволно јасно да ги претставиме одредбите од договорот, рече вицепремиерот Групи.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека законите кои се од доменот на неговиот ресор ги опфаќаат европските вредности и дека ќе важат за сите останати проекти од стратешки инетерс.
– Секоја одговорна влада во секој момент треба да покаже акција и Министерството за транспорт и врски направи суштински измени во законот за градење и во законот за урбанистичко планирање. Тие не се однесуваат само на Коридорот 8 и 10д, туку се носат за сите идни градби од национален интерес, како железничката пруга и магистралните гасоводи. Со законските измени само се забрзуваат процедурите и ги намалуваме роковите, кажа Бочварски.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, рече дека неговото министерство заедно со Јавното претпријатие за државни патишта направиле интервенција во прелдог-законот за експропријација, заради како што рече, побрза изградба на автопатите со тоа што на семејствата кои живеат покрај предвидената траса на кои не им е завршпена процедурата за легализација на дивоградбите во кои живеат, на истите ќе им биде платена кирија за отселување во рок од 12 месеци.
– Со предлог-законот за експропријација нема експропријација на нелегално изградени објекти. Единствено ќе се овозможи на семејства што живеат на тие објекти, ако не им е завршена постапката за легализација, ќе им се овозможи дислокација со закуп на друг објект, наведе Бесими.
Опозицијата обвинува дека овој договор е штетен за државата и дека Владата ќе плаќа пенали од 300 милиони евра, доколку во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградба на коридорите. Според предложените измени во Собранието, покрај Законот за работни односи, експропријација и за заштита на културното наследство, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, законите за шумите и за градење. Опозицијата обвини дека измените се носат како што велат „шверцерски“ без широка консултација, што фрла сомнеж врз целиот проект.