Европско знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ, реагираа денеска од Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Реакцијата доаѓа откако Владата одлучи да донесе нови пет предог-закони за коридорите 8 и 10д и да ги испрати во Собранието со европско знаме. Оттаму бараат одговори од власта и потсетуваат дека европското знаменце на законите не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом.
– Означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања, се вели во реакцијата од Делегацијата на ЕУ.