Почеток на полагањето на државната матура на 27 мај станува се понезивесен откако вработените во Државниот испитен центар решија да го продолжат штрајкот по неуспешна средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Синдикатот на ДИЦ денеска на прес-конференција соопшти дека дека се повлекуваат од јавни обраќања и дека одговорите на прашањата ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.
-Од средбата со вицепремиерот за економски прашања добивме идентичен, како напамет научен текст од она што досега го добивавме од другите министри, односно од министерот за образование и од претставници од Министерството за финансии, изјави Емилија Бошковска, претседателката на Синдикалната организација на ДИЦ.
На средбата со Битиќи, кажа Бошковска, им била понудена исплата на К-15 – нешто што им следува со Закон, а што досега незаконски им било спречувано да го добијат. Додаде дека исплатата на К-15 е предвидена и во нивниот колективен договор и оти ова воопшто не било цел на преговорите.
-Второто нешто што ни е понудено е линеарно покачување на платите, нешто што исто така требаше да се случи автоматски и да не биде дел од преговорите. Со еден збор, со нивното игнорирање и со давање на други предлози коишто не беа цел на преговори го прогласуваат нашиот поединечен колективен договор на ниво на работодавач за ништовен, рече таа.
Бошковска не одговори конкретно на прашањето дали на 27 мај ќе се полага првиот испит од државната матура, но кажа дека штрајкот на вработените во ДИЦ ќе продолжи и натаму, а со тоа во мирување ќе бидат сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар.