Oд денеска почнуваат да се чистат езерцата и каналите во Градскиот парк, што ќе се одвива во неколку фази. Чистењето го спроведуваат екипи на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје.
– Согласно Програмата за одржување на коритото на река Вардар, нејзините притоки, отворените канали, езерца и канали во Градскиот парк, по налог на Град Скопје екипи на јавното претпријатие „Улици и патишта“ започнуваат со активностите за комплетно чистење на каналите и езерцата во првиот и во вториот дел од Градскиот парк, кои не се чистени околу пет години. Подготвителните активности за чистење на езерцата веќе се во тек, а екипите од понеделник ќе ги отпочнат активностите за чистење кои ќе се одвиваат во неколку фази, информираат од ЈП „Улици и патишта“.
Во првата фаза се стопира дотокот на вода и се заловува и згрижува рибниот фонд во соодветни услови за чување се до негово повторно враќање.
Активностите за чистење на езерцата во Градскиот парк ќе се изведуваат и во наредниот период, а ЈП „Улици и патишта“-Скопје апелира до граѓаните да не фрлаат отпадоци во каналите и во езерцата и да ја одржуваат хигиената на зелените површини во паркот.