Бара правда пред Управен суд, разрешената претседателка на Судскиот совет Дамева поднесе тужба

Тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет, поднела поранешната претседателка на Судски совет Весна Дамева.

– Имајќи ја предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе ѝ се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон, изјави Дамева за МИА.

Дамева, како што изјави, поднела и кривична пријава до ОЈО Скопје поради сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област.

– Со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да бидам разрешена од претседател на Судски совет на Република Северна Македонија беа сторени и прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до ОЈО Скопје поднесов кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ, рече Дамева.

Дамева пред неполн месец, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

Претходна вестПовредени пет лица во сообраќајка на патот Штип-Кадрифаково
Следна вестДраматично предупредување на Русија, радиоактивен облак од Украина се шири кон Европа