Од кога македонското јаболко стана јаболка?

Колумна на Веселинка Лаброска:

Почитувани читатели, повод за ова мое пишување се етикетите на два македонски производа: сок од „Вива“ (всушност Viva, напишано со латиница), на кој од едната страна на пакувањето пишува „содржи 86 капини и 3 јаболки“ и јаболков оцет на којшто пишува: Le bon (напишано со латиница) и подолу „100% природен јаболков оцет (од ресенски јаболки)“!!!

Драги мои Македонци, зарем е толку тешко да се знае македонската јазична норма? ЈАБОЛКО е еднинската форма бидејќи е именка од среден род, а множинската форма е ЈАБОЛКА, не е ЈАБОЛКИ! Погрешна употреба на овој збор се сретнува и во образовниот процес: во наставни материјали за нижите одделенија, учителката од едно скопско училиште во време на пандемијата, имаше дадено материјали за учење каде што нашето сирото македонско јаболко исто така беше од женски род, односно беше една јаболка!

Можеби ќе речете, една буква односно еден различен глас, не е голема работа! Ама не е така! Односот кон мајчиниот јазик се гради со секој правилно изговорен глас, со секоја правилно напишана буква, со секој македонски збор употребен литературно, односно стандардно. Во слободна и независна држава Македонија би очекувале дека нашата грижа за македонскиот јазик ќе оди по нагорна линија, а проблемите ќе бидат поврзани само со називите за новите предмети што ги создава современата технологија, а ние се сретнуваме со банален, но долгорочно многу страшен проблем: не си ги знаеме своите сопствени македонски зборови, не сакаме да се потрудиме да го користиме македонскиот стандарден јазик таму каде што му е местото: во официјалните називи и во официјалното општење.

Именката јаболко како именка од среден род ќе ја најдете во двата толковни речника што се достапни на интернет, едниот Официјален дигитален толковен речник на македонскиот јазик и другиот – Дигитален речник на македонскиот јазик, неофицијален, но преземен од Толковниот речник на македонскиот јазик што е објавен во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Кога се толкува дијалектен збор се сретнува и ознаката дијал., па корисниците лесно можат да пронајдат што е стандардно, а што дијалектно. Сакам да истакнам дека сите што сакат да проверат каква е официјалната форма на некој македонски збор можат со две кликнувања на електронски уред да стигнат до податокот.

Потеклото на зборот јаболко е од прасловенскиот збор *ablъko. Во македонските дијалекти има повеќе фонетски форми за овој збор: јаболко, јабоко, јаблко, аблко, јаболка, јаблка, јабука, лапка. Овие варијанти се нашето дијалектно богатство, но тоа никако не значи дека на официјална налепница на производ треба да се најде дијалектна форма. Затоа постојат лектори по македонски јазик што треба да си ја вршат работата правилно и што треба да бидат ангажирани или вработени во секоја компанија во Македонија.

Почитувани читатели, во пресрет на големиот празник „Свети Кирил и Методиј“ – Денот на сесловенските просветители, читајте и зборувајте на стандарден македонски јазик! Од сите нас зависи иднината на јазикот наш македонски, нашата „единствена целосна татковина“!

Авторката е универзитетски професор

 

Претходна вестШолц ги намали надежите: Украина нема да стане членка на НАТО во скоро време
Следна вестВо скопски Центар обновено детското игралиште кај Градски ѕид Блок 3