Информативна служба на Општина Арачиново ги информира граѓаните дека општинската администрација денеска нема да работи поради „безбедносни причини“.
– Се извинуваме што нема да можеме да вршиме услуги и законски обврски кон граѓаните, но ваквата мерка главно е преземена поради безбедноста на вработените во општинската администрација, но и на граѓаните кои се обраќаат до Општината, се наведува во објавата на официјалната Фејсбук страници на Општина Арачиново.
Во објавата се додава дека ваквата одлука е донесена откако „по втор пат е нарушена безбедноста на вработените во општинската администрација и градоначалникот“, Ридван Ибрахими.
– Таквата одлука е против нашата волја и желба, но е неизбежна, се додава во објавата, во која се посочува дека за следното решение за работењето на локалната самоуправа граѓаните ќе бидат навремено информирани.
МВР вчера соопшти дека полициски службеници во вторникот го привеле 69-годишниот арачиновец Р. А. , постапувајќи по пријава на градоначалникот Ибрахими, кој во СВР Скопје пријавил дека додека тој не бил присутен во општинската зграда, приведениот пред други присутни лица упатувал закани по неговиот живот.
Според Ибрахими, заканите биле изречени „во врска со предмет за доделување на користење на земјиште“.
Од МВР информираа дека по документирањето на случајот против приведениот ќе биде поднесена пријава за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста” по член 144 став 4 од Кривичниот законик.
Ибраими лани во септември во полицијата пријавил дека бил цел на физички напад.
Според тогашното соопштение на МВР, на 13 септември 2022 година во 09:46 часот Ибрахими пријавил дека бил физички нападнат од неколку лица.
Како што објавија тогаш дел од медиумите на албански јазик во земјава, Ибрахими тврдеше дека напаѓачите ги предводел член на семејството на поранешниот градоначалник на Арачиново, Брахим Ајвази.
– Причините за нападот беа нереализирање на нивните лични и деловни барања. Прво бараа именувањата на директори на основните училишта да се вршат според нивните желби, без исполнување на никакви законски критериуми, за да можат преку нив полесно да ги остварат своите цели. Намерите на оваа група одат на штета на жителите на Општината, заканувајќи се и уценувајќи ги вработените кои ги извршуваат своите обврски, изјави Ибрахими по инцидентот во септември.