Илинденецот Блаже Крстев – Биринчето го ослободуваше Крушево: Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме…

Што ги водело напред македонските војводи кога влегувале во најтешките битки за ослободување на македонскиот народ од турското ропство? Еден од војводите, кој со својата храброст и дело вистински заслужувал да биде војвода: Блаже Крстев – Биринчето, тоа најдобро го објаснил.

– Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме, напиша Биринчето во едно свое писмо во 1906 година.

Ова писмо, испратено од негова страна до „брат Душан од село Бистрица“ доволно кажува каква цел си поставил овој македонски револуционер кој оставил длабока трага во македонската историја. Тоа воедно е и еден од бројните докази какво било националното чувство на македонските револуционери во Илинденскиот период и какви цели имале. За целта на ослободување на македонскиот народ херојот Биринчето го дал и својот живот, на денешен ден во 1911 година, пред 112 години.

Инаку, Блаже Крстев – Биринчето, роден во 1873 година во крушевското село Бирино, е крушевски војвода, учесник во Илинденското востание. Во своето село се вклучува во ТМОРО и организира сопствена чета. Учествува во подготовките за Илинденското востание, а на 2 август 1903 година, заедно со одделението на Иван Наумов Алабакот, учествува во освојувањето на турската касарна во Крушево. По освојувањето на градот, Блаже Крстев – Биринчето учествува во одбраната на градот и под раководство на Питу Гули, четите одбиваат шест напади на Крушево, при што турскиот аскер има големи загуби.

Тој е еден од малкумината македонски војводи кој по Илинденското востание останува во Македонија, за да го заштити населението од зулумот на турскиот аскер и башибозукот. По распуштањето на четите и прогласената амнестија, тој се вратил во родното место. Меѓутоа, поради насилството кој го правел еден Турчин, тој го убил и повторно тргнал да се бори.

Во 1904 година Блаже Крстев – Биринчето се вклучува во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов – Пљакот и е негов заменик. По доаѓањето на Дамјан Груев и Георги Сугарев од ресенско, четите се упатиле кон Поречието. На 23 септември 1904 година, во борбата со турскиот аскер кај село Сланско, во која загинал војводата Ѓурчин и секретарот на Сугарев, Блаже се истакнал со својата храброст. По смртта на војводата Ѓурчин, Биринчето се до 1911 година дејствувал како крушевски војвода и цели шест години тој го води овој реон, но и се бори и против вооружените чети на српската пропаганда во Велешко.

Во 1905 година заедно со четите на други македонски војводи води серија битки против српските вооружените чети предводени од Јован Бабунски и Глигор Соколов. Во едно свое писмо до војвода на чета на српската вооружена пропаганда, Блаже Крстев – Биринчето вели:

-Македонски борачи бевне и до крај ка се бориме за македонскио народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција, тија сат слободни и си живеат меѓу ними и си пијат по ладните меани, имат прао да пијат оти побрго туриле крфта. Ни треба што сме от македонската земија, треба за Македонија да работиме оти македонските браќа гинат по патиштата и македонските сестри сет обесчестени от клетио Турчин, от мрсниот Турчин… Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме, тогај се види да на еден збор не сме можиле да се разбереме за да не се бијеме.

По Младотурската револуција во 1908 година, за кратко време се смирува, но набргу се разочараува од Младотурците и ја продолжува борбата.

Во 1909 година, при обид да биде уапсен од 12 заптии, тој поведува борба и ги убива сите, по што се префрла во Бугарија. Меѓутоа наскоро се враќа во Крушевско, каде го обиколува реонот. Во овој период, многу луѓе биле уапсени и мачени поради криење на Биринчето, а девет лица ќе бидат осудени од властите на 16 и 5 години затвор.

Во 1911 година, при една обиколка на реонот, Биринчето тргнал кон Журечкиот манастир, каде се судрил со чета која преминала на турска страна за време на Младотурската револуција. Во борбата на 21 мај 1911 година кај манастирот “Св. Атанасиј“, во близина на демирхисарското село Журче, Блаже Крстев – Биринчето загинал. Телото прво му било пренесено во Крушево, а потоа во Битола.

Македонскиот народ го памети и споменува неговото херојство и борба за слободна Македонија.

 

Претходна вестДелови од Центар, Кисела Вода и Шуто Оризари утре без струја
Следна вестИ денеска облачно со поројни дождови, грмежи и ветер