Првпат оваа година со Наредбата за здравствена заштита на животните дадена е обврска на општините да направат проценка на популација на кучиња, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски. Според него за решавање на проблемот со бездомните кучиња потребна е регистрација на одгледувачници на кучиња
– Во оваа насока, веќе се подготвени предлог-измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните со кои се предвидува воспоставување систем за контрола на размножувањето на кучињата токму преку регистрација на одгледувачници и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со оваа мерка се очекува оние сопственици кои не сакаат да го чуваат својот миленик за репродукција (не сакаат да се регистрираат како одгледувачница или регистриран сопственик на куче), да го стерилизираат, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски во интервју за МИА.
Како што напоменува Бабовски, нема да биде дозволено држење куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци). Крајната цел е јакнење на принципите за одговорно сопствеништво на домашните миленици и намалување на бројот на бездомни кучиња.
Неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашни миленици е еден од најголемите извори на бездомни кучиња.
– Првпат оваа година со Наредбата за здравствена заштита на животните дадена е обврска на општините да направат проценка на популација на кучиња. Заловувањето на кучињата е независно од проценката и треба да се одвива тековно, а не да се чека исходот за проценката, односно треба да се реализира врз основа на веќе донесените планови и програми за заловување. Врз основа на оваа проценка општините треба да го направат планот за контрола на популацијата на бездомни кучиња за наредната година. До овој момент проценка има направено и доставено до АХВ само општина Конче. АХВ е во координација со ЈП „Лајка“ да се направи ваква проценка за Град Скопје. Техничка помош за методологијата побара прифатилиштето од Општина Струмица, со која АХВ е во координација за да ја спроведат проценката, истакна Бабовски.
Во однос на каснувањето на кучиња, одговорноста за проценка на агресивност на кучињата и постапките со опасните кучиња пред да се вратат на улица е на општинското прифатилиште и се спроведува од страна на овластени лица, а за сопственичките кучиња, тоа е обврска на сопствениците на кучињата кои каснале човек.