Општина Центар целосно го затрупа градилиштето позади Универзална сала

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски соопшти дека потполно е затрупано градилиштето позади Универзалната сала, каде до неодамна се градеше станбен објект. Претходно инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење.

-Целосно затрупано градилиштето на “9 мај”. Отстапување од дозволи и прописи за градба нема да толерираме, објави Герасимовски на својот Фејбук профил.

Градежната инспекција претходно го затвори градилиштето, а во март годинава одговорните се санкционирани од страна на општината со казни со вкупна вредност од 12.500 евра и тоа со 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.

Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ е обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезбедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење. По ова, согласно Законот за градење, инспекцијата изготви решение за враќање на локацијата во првобитна состојба, со што трошокот за извршувањето на решението ќе се фактурира на инвеститорот, а со потпишана писмена изјава истиот е обврзан да ја врати и улицата во првобитна состојба.

Претходна вестДарио Ивановски во машка и Билшерин Сулејман во женска конкуренција победници на полумаратонот на „Охрид трчаТ“
Следна вестПронајдена дрога кај скопјани кои биле во клуб