Бабовски: Нема тешки метали во доматите и краставиците, некој помешал микро и милиграми

Во зеленчукот, во доматите и краставиците нема тешки метали штетни за здравјето на граѓаните како што објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. На прес-конференцијата тој рече дека резултатите од испитувањата кои ги објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ се негативни.

-Негативни се сите резултати за наводни резидуи од метали или присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот. Не знам која беше целта да се шири паника меѓу граѓаните. Изгледа при брифирањето некој некого излажал. Ако ги погледнете резултатите, некој помешал микро и милиграми. Сите се во рамки на дозволените количини. За жал, некој се декларира како демохристијан, а за време на верски празник излегува со неточни податоци – за мене е тоа нон-сенс. Ќе мора да преземеме некои активности за да се заштитат граѓаните. Нам не ни значи нечие извинување, рече Бабовски одговарајќи на новинарски прашања.

Пред два дена Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на својот фејсбук-профил сподели информација според која олово, кадмиум и арсен се пронајдени во домати и краставици. Тоа, како што наведе Трипуновски, го покажуваат најновите извештаи за анализи направени од Државната фитосанитарна лабораторија.

Бабовски рече дека ширење лажна паника и тревога е кривично дело, а дали АХВ ќе поднесе пријава за тоа ќе се знае во наредните денови.

Претходна вестВ среда почнува Офф-фест 2023
Следна вестСообраќајка во кумановско, Украинец тешко повреден