Му забрануваа и да игра, но Ѓоковиќ и понатаму држи лекции: Земете ги работите во свои раце, верувајте и создавајте

Фуриозниот српски тенисер Новак Ѓоковиќ вчера испиша нова спортска историја. Како тргна ќе направи цел учебник – како се станува еден од најдобрите спортисти на светот на сите времиња.

Тенискиот мајстор вчера ја освои својата 23-та Грен слем титула, што е најмногу во историјата на овој спорт. Прв му честита друг мајстор – Рафаел Надал кој има освоено 22 титули.

Нема искрен љубител на спортот кој не се поклонува на овој успех. Особено што тој дојде и покрај фактот дека Ѓоковиќ последниве година–две трпеше и неспортски забрани за настап на некои важни турнири. Во Австралија беше дури и во притвор, па беше депортиран, оти не бил вакциниран. Сепак, сето тоа не го извади Ѓоковиќ од победничкиот ритам. Тој продолжи таму каде му беше дозволено да биде најдобар.

Како тоа му успева?

Дел од одговорот тој го даде вчера веднаш по победата – пред сите гледачи:

-Многу работи се случија надвор од теренот. Моите деца се тука и секогаш се трудам да им испратам пораки од кои можат да научат. Имав седум години кога почнав да играм тенис и сонував да го освојам Вимблдон. Сега сум тука, со 23 грен слем титули, многу повеќе отколку што се надевав. Секогаш се трудев да ги визуелизирам работите и однапред да ги планирам. Имам една порака до децата: Заборавете што се случило, мислете за иднината. Земете ги работите во свои раце, верувајте и создавајте, потенцира најдобриот светски тенисер.

Се очекуваат во иднина уште лекции од Ѓоковиќ. Наше е само да ги следиме и од нив по нешто да учиме…

Претходна вестИлон Маск вработи 14-годишно дете како софтверски инженер
Следна вестМалолетници затекнати во угостителски објекти по полноќ, локалите казнети со по 2 илјади евра