Први септември е оптимален рок во кој опожарениот мост „Беласица“ би можел да биде пуштен во употреба, најави експертот Михаил Гаревски кој раководи со проценката на состојбата на мостот. Во интервјуто за „Макфакс“ тој додава дека условот за тоа е навремено да се завршуваат сите подготвителни работи за да може да се изврши соодветна санација.
-Проценка е дека за симнувањето на топловодните цевки ќе треба околу 30-40 дена, потоа за вршење на санацијата околу петнаесетина дена и десетина дена за зацврстување. Тоа значи дека се би можело да се заврши за 2-3 месеци и на 1-ви септември мостот би можел да биде пуштен во сообраќај, објасни Гаревски.
Експертизата којашто ја прави ќе биде готова најдоцна до среда, а потоа ќе биде потребно да се избере фирма-извадувач на санацијата и евентуално да се изработи проект за санација.
-Останува да извршиме уште едно скенирање но тоа нема да смени ништо и ќе биде напишано дека според нашите анализи не треба зајакнување на мостот, но , како што кажував многу пати, ќе треба извесно рефреширање, односно, лесна санација на мостот, објасни Гаревски.
Според него, рефреширањето најмногу ќе се однесува на отпаднатиот бетон од долната средишна плоча. За среќа, носечките кабли не се разголени.
-Ако се гледаа каблите тогаш состојбата ќе беше малку покомплицирана и класификација ќе беше дека мостот е „средно оштетен“. Но, сега таа е дека мостот е „лесно оштетен“. Имаме само големо отпаѓање на заштитниот бетон, можеби 70 проценти, на долната плоча. Никаде не видовме откриени и пренапрегнати кабли. Бетонот е прекрасен изолатор. Добра околност беше и тоа што пожарот траеше само околу 40-тина минути, а со температура до 200 степени оштетувањата што ги прави не се големи, рече Гаревски.