Од 1 јули целосно се забранува продавањето на пластични кеси и оксобиоразградливи кеси, односно тоа се оние кеси кои во маркет се продаваат за 15 денари. Дозволени ќе бидат само биоразградливи ќеси.
Оваа одлука следи откако беше усвоен новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Според истиот ќесите од 2 поскапеа на 15 денари пред година и пол.
Претставници на производителите на последната средба со министерката за животна средина, Каја Шукова, кажаа дека материјалот за изработка на биоразградливите кеси е тешко достапен за македонскиот пазар и дека се соочуваат со потешкотии во континуираното призводство на овие кеси. Предложија да се ревидира законската регулатива и да се направат поголеми напори за да се обезбедат еднакви услови на пазарот, односно да се спречи нелојалната конкуренција со нудење на бесплатни пластични кеси. Побараа и намалување на надоместокот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале после 1 јули 2023 година.
Од Министерството за животна средина тврдат дека употребата на пластичните кеси е за 10 пати намалена, а особено намалување има во маркетите и тоа за околу 85%.
Земјите-членки на ЕУ веќе почнаа да забрануваат употреба на пластика за еднократна употреба, како цевчиња, чепкалки за уши, чинии, чаши и пластичен прибор за јадење за еднократна употреба. Во некои земји пластичните кеси се целосно забранети, во други се даночат, а во трети се наплаќаат.