Од ѕидарски работник, стана командант на дивизија, а од член на партиска ќелија во 1941 година во родното село Никофорово, стана член на АСНОМ – највисокото преставничко тело во Македонија. Ова е животниот и револуционерниот пат на народниот херој од НОБ Чеде Филипоски – Даме кој трагично загина на денешниот ден 29-ти јуни во 1945 година.
Тогаш, откако во мај беше вратен од претстојот во Белград каде со успех ја завршил Вишата воена академија, Даме доживува сообраќајна незгода кај Радовиш. Херојот кој преживеал многу тешки битки, загинува кога имал само 22 години и кога веќе доживеал да го ослободи родниот крај, да ја ослободи Македонија и таа да се конститурира како посебна Република.
Споменот на Чеде Филиповски, односно, Даме, како што го викаа соборците, останал во народот. Роден во 1923 година тој уште на 14-годишна возраст заминал во Белград, каде го сознал тешкиот печалбарски живот. Носел малтер, тули, дрвена граѓа… ги видел неправдите кои ги носи животот што ќе му даде силен поттик да се бори за човековите права, за слобода на својот македонски народ. Таму се вклучува во работничкото движење, станува член на Обединетите работнички синдикати, активно се вклучува во организирањето на демонстрации и штрајкови во Белград и бива бил прогонуван од полицијата.
По навлегувањето на фашистите во тогашна Југославија во 1941 година тој се вратил во Македонија и станува еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај. Наскоро станува и раководител на Воениот штаб (1942), потоа командант на баталјон и заменик-командант на бригада (1943), член на Акциониот одбор на Народноослободителниот младински Сојуз на Македонија формиран во ноември 1943 година, заменик-командант и командант на Четириесет и осмата македонска девизија во 1944 година.
Посебно се истакнал во борбите за Кичево, Дебар, Кленоец, Пресека, Дебрца и Локов. При нападот на Кичево на 1 ноември 1943 година, бил во група борци која влегла во утврдената касарна и заробила 10 германски офицери и војници. Во борбите на Буковиќ, во многу тешка положба за македонските единици, тој со уште неколку борци, со непрекината борба го штител отстапувањето на единицата и ги спасил ранетите борци. На 11 ноември 1943 година се формирала првата македонско-косовска ударна бригада, во која бил назначен за заменик-командант. Бригадата на чие чело стоел и Чеде одела од победа во победа, во Грција, Албанија, во Македонија, Богомила, под Дебрца, повторното ослободување на Кичево и Дебар и го завршила својот победоносен од со ослободувањето на неговиот роден крај – Гостивар.
Бил и делегат на Првото заседание на АСНОМ, како претставник од Гостиварскиот крај. За заслугите во Народноослбодителната војна на Македонија од 1941 година, Чеде уште за време на својот живот, со одлука на Претседателот на АВНОЈ, на 6 декември 1944 година беше одликуван со Орден на партизанска ѕвезда со сребрен венец од втор ред, а беше и носител на „Партизанска споменица“.
За жал, веќе следна година се случува трагичното загинување и по кое, во 1949 година е прогласен за народен херој на Југославија. Споменот за него и неговите дела не престана да живее во Македонија.