Во новиот Детален урбанистички план за населбата Крњево 2 во скопската општина Центар е водена сметка за хумани услови за живот на граѓаните, соопшти денеска градоначалникот Горан Герасимовски. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој наведе дека планот, кој деновиве е усвоен од страна на Советот на Центар, има подобри решенија од ДУП-от од 2012-та година.
-Во новиот ДУП Крњево 2 ги подобривме формите на вцртаните објекти, оставивме повеќе слободен простор и поголеми растојанија помеѓу нив. Од почетокот на постапката, во секој дел од изработката на планот водено е сметка за хуманите услови за живот и нормалното секојдневно функционирање на жителите. Воедно со измените проектирани се и подобрени сообраќајни решенија, со два влеза и излеза во населбата и изведба на посебна пешачка улица веднаш покрај булеварот „Крушевска Република“, наведе Герасимовски.
Општина Центар информира дека сега наместо „ѕид“ без прекин на северната страна од 5 споени објекти, кој предвидуваше висина од 19 метри и должина од вкупно 151 метар, во новиот план вцртан е разбиен “ѕид“ на 2 дела од 56 и 68 метри со простор меѓу нив, каде секој дел е составен од по 3 споени објекти. Стариот план предвидувал и „ѕид“ без прекин на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри кој бил оформен од 1 објект и кој фрлал сенка на целата населба. Во новиот план целосно е ослободена јужната страна во делот каде големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти и од каде фрлаше најмногу сенка врз населбата, а развиената површина на објектот е намалена од 57456 м2 на 33724 м2. Севкупно, развиената површина на објектите за домување во ДУП-от Крњево 2 е намалена од 144.931 м2 на 93.640 м2, односно за 35 отсто.
-Во овој план зголемено е растојанието помеѓу објектите, со што се добива поголемо проветрување на просторот и поголема осветленост. Наместо еден, воведовме два влеза и излеза во населбата, а Крњево ќе добие и нова пешачка улица, објаснува Герасимовски.
Земени се предвид и растојанијата меѓу објектите кои во стариот план се високи 19 метри и се доближуваат на 5 или 7 метри меѓу себе. Во новиот план нема станбени објекти кои со лицето се доближуваат на помалку од 12 метри и тоа е во два случаи, а останатите се со растојание од 16, 20 метри итн. Во новиот план нема подолг слеп крак на улица од 100 метри, населбата има 2 влеза/излеза, еден кон булеварот „Гоце Делчев“ и другиот кон улица „Беласица“, а вцртана е и 1 режимска пешачка улица, веднаш покрај покрај булеварот „Крушевска Република“.