Министерот Меџити за пациент кој го бара лекот „трикафта“: Тој си прави шоу, не може тој да одлучи дали му треба лек или не

Како шоумен кој се појавува на телевизии министерот за здравство Фатмир Меџити го нарече пациентот болен од цистична фиброза кој бара да се обезбеди лекот „трикафта“. Во интервјуто за агенцијата „Макфакс“ Меџити така одговори на новинарското прашање коешто се однесуваше на истапи во јавноста на Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза.

-Вие знаете дека пред два месеци излегуваше еден пациент и правеше шоу на телевизија. Не може пациент да одлучи дали му треба лек или не му треба лек. За тоа во Македонија има… јас зборувам јавно и транспарентно, кажа Меџити за „Макфакс“.

На забелешка на водителот за тоа како може така да зборува за пациент што бара лек, министерот рече:

-А како може да се слика на оддел, тоа е забрането да се сликаш по телевизии, по камери, рече министерот за здравство.

Пехчевски стана познат во јавноста откако прво од болнички кревет со транспарент побара лекот да биде достапен за сите на кои им е потребен. Тој константно го повторува истото барање во јавноста, а пред извесен период обвини дека од раководството на Детската клиника добил закани оти ако дава изјави за „трикафта“, за него нема да има место во болницата за лекување. Сега, Пехчевски бара министерот јавно да му се извини.

-Го слушам и гледам министерот за здравство Фатмир Меџити. Јас барам лек од кој животот ми зависи, а тој си дозволи како доктор и министер за здравство да каже за мене дека со барањето на лек правам шоу во јавноста на телевизија. Барам од Вас јавно извинување. И главното: донесете го лекот „трикафта“ сега и веднаш, а не за неколку месеци, како што кажувате во вашите изјави, објави синоќа Пехчевски на својот профил на Фејсбук.

Инаку, во интервјуто министерот Меџити не признава дека лекот „трикафта“ не е достапен за сите пациенти. Вчера се одржа и средба меѓу претставниците на Асоцијацијата за цистична фиброза и на Министерството за здравство по која е најавено дека „Трикафта“ до крајот на годината ќе добијат најмалку 42 пациенти.

Претходна вестНова поетска книга на академик Влада Урошевиќ на руски јазик
Следна вестСо новиот ДУП за Крњево 2 разбиени се „ѕидови“ од згради, површина на објектите за домување е намалена за 35 отсто