Блеф и манипулација е дека Македонија ќе мора да плаќа отштета од милијарда долари, ако не се отвори „рудникот на смртта“ во Иловица. Владата не може да ја користи оваа празна закана како изговор за враќање на концесијата на Еуромакс, или за криминално парично спогодување со „инвеститорите“, напиша Влатко Токарев, магистер по правни науки од Универзитетот Кембриџ, Англија, на својот фејсбук-профил.
Токарев пишува: Постојат цврсти правни аргументи дека каква било тужба од страна на Еуромакс против Македонија пред меѓународниот Арбитражен суд во Вашингтон би била ОТФРЛЕНА. Согласно со праксата и начелата на меѓународното инвестициско право, меѓународниот арбитражен суд во Вашингтон би требало да се прогласи за ненадлежен во овој случај затоа што:
1. Директни инвеститори – сопственици на Еуромакс се компании од Обидинетото Кралство и Канада, а Македонија нема склучено меѓународни договори за заштита на инвестиции со овие држави. Оттука,нема арбитражна спогодба, на која тие можат да се повикаат. Таква арбитражна спогодба не може да има ниту во договорот за концесија склучен со Еуромакс;
2. Договорот за заштита на инвестиции склучен помеѓу Македонија и Холандија исто така би бил тешко применлив во случајот. Холандската компанија на Дестани е само индиректен сопственик на Еуромакс, па согласно со меѓународната пракса, мала е веројатноста арбитражен суд да ја смета концесијата на Еуромакс за инвестиција на холанската компанија која треба да добие заштита;
3. Дури и меѓународниот договор со Холандија да се смета за применлив, арбитражните судови по правило ги отфрлаат тужбите на инвеститори кои ја стекнале инвестицијата кога спорот со државата веќе бил извесен. Дестани влегува во сопственичката структура на Еуромакс во момент кога (i) концесијата е одземена, (ii) месното население тврди дека по никоја цена нема да дозволи отварање на рудник, а (iii) Еуромакс веќе со години претходно се заканува со арбитражни постапки. Овде спорот бил извесен кога холандската компанија на Дестани се стекнала со инвестицијата и евентуалната тужба би требало да биде отфрлена;
4. Сопственик на холандската компанија е македонски државјанин, а арбитражните судови имаат пракса да отфрлаат тужби од страна на компании чии сопственици се државјани на земјата во која инвестицијата е направена.
Затоа, не може да помине ваков oчаен блеф. Рудник нема да има, а спогодување со измамници би било криминал!, напиша Токарев.