Резолуција за Илинден во македонскиот парламент ќе поднесе СДСМ, најави денеска партискиот портпарол Дарко Каевски.
Тој, во одговорот на новинарско праашње, рече дека Илинден е еден од најсветлите празници во македонската историја.
-Тоа е светилник на нашата борба за посебност и независност. И тоа не може да го смени и одземе декларација на која било партија. Во или вон Македонија. Илинден е дел од секој Македонец и од целиот македонски народ, на 2-ри август ќе го прославиме со полно срце и гордост како 120 години до сега. СДСМ ќе предложи Резолуција за Илинден во македонското Собрание во вторник, рече Каевски.
Ова доаѓа откако партијата на екс бугарскиот премиер Кирил Петков поднесе Декларација дека Илинденското востание е бугарско. Се очекува оваа декларација да биде усвоена во следните денови.
Во образложението навеле дека „Илинденско-преображенско востание е венецот на бугарското национално ослободително движење“. Претходно, Петков ветуваше дека историјата ќе ја остават настрана.