Обвинителството ќе проверува дали Артан Груби е сопственик на запаленото „ауди“

Наредба да се обезбеди документација за стекнувањето и сопственоста на возилото „ауди“ коешто вчера изутрина беше запалено во Скопски Чаир, издаде Јавното обвинителство.

Како што е познато, првиот вицепремиер Артан Груби за запаленото возило рече дека е на негов пријател, а не негово. Во МВР како сопственик на возилото се води друго лице и Груби го нема пријавено во анкетниот лист. Во соопштенијата на Владата и на СДСМ во врска со овој инцидент се наведува дека Груби „го користел возилото“.

Јо соопшти дека веднаш биле издадени соодветни наредби.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото, вели Обвинителство.

Тие додаваат дека надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата.

-Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности, се наведува во соопштението.

Претходна вестСДСМ ќе предложи Резолуција за Илинден во македонското Собрание во вторник
Следна вестПендаровски: Во наредниве месеци очекувам интензивни разговори помеѓу власта и опозицијата за уставните промени