Македонските одбојкари во дуелот со Црна Гора сакаат да го заверат пласманот во осумфиналето на ЕП

Македонската машка одбојкарска репрезентација, по почетната победа против Данска на 33. Европско првенство (ЕП), група Ц, кое се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, сигурно со уште поголем елан, но и оптимизам ќе го започне денешниот втор дуел со Црна Гора (20 ч). Со триумф над Црногорците, македонските одбојкари ќе обезбедат пласман во осминафиналето, меѓу најдобрите 16, што ќе претставува и најголем успех на македонската репрезентативна одбојка на европските првенства. Четирите најдобри репрезентации од оваа група ќе продолжат во групната фаза во Бари (Италија), каде што ќе се играат и мечевите за бронзениот и златниот медал. Титулата од ЕП 2021 ја брани Италија, втора тогаш беше Словенија, а трета Полска.

– Против Црна Гора нѐ очекува натпревар што е позначаен од тој што беше против Данска. Само со ладни глави, сконцентрирано и уште помотивирано треба да влеземе во овој дуел и да ја завршиме работата, односно сонот да стане реалност. Со победа над Црна Гора обезбедуваме пласман меѓу најдобрите 16 европски селекции, оптимист е репрезентативецот Александар Љафтов.

Во првиот настап Црна Гора очекувано, со 0-3 загуби од посилната Холандија.

По дуелот со Црна Гора, Македонија утре ќе игра со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска, потоа со Холандија (вторник) и со Чешка (среда). Сите мечеви црвено-жолтите ќе ги играат од 20 часот, освен со Холандија (17 ч.).

Претходна вестМВР уапси две лица поради кражбата на комјутерите наменети за хуманитарни цели
Следна вестОд Онкологија и од два стана во Скопје одземени и дадени на вештачење компјутери и документација