Home АКТУЕЛНО Иванов: Од Скопје и за Скопје во 1963 година протече мека културна дипломатија, и денеска треба да се работи на таа стратегија

Иванов: Од Скопје и за Скопје во 1963 година протече мека културна дипломатија, и денеска треба да се работи на таа стратегија

0
Иванов: Од Скопје и за Скопје во 1963 година протече мека културна дипломатија, и денеска треба да се работи на таа стратегија

По земјотресот во 1963 година од Скопје и за Скопје протече таа, мека, културна дипломатија. И денеска треба со таква самодоверба и без страв да се работи на таа стратегија за солидарност, соработка и мир, изјави денеска поранешниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, на свеченото отворање на Форумот за културна дипломатија – Скопје.

Во своето обраќање тој потсети дека катастрофата во која загинале 1.070 луѓе се случила во периодот кога светот беше на ивица на војна проади кубанската криза и студената војна меѓу супер силите.

-Зошто овој трагичен настан го споменувам кога треба денеска да зборуваме за културна дипломатија и за мир: Затоа што веднаш по земјотресот Скопје стана град на солидарноста и град кој обединува, рече тој.

Тој ден, како што продолжи со своето обраќање Иванов, тогашниот амбасадор на САД во Југославија Џорџ Кенан, го имал својот последен ден како дипломат во Белград. Имаше поднесено своја оставка бидејќи не се согласувал со политиката на Југославија, која фати свој пат и да го гради Движењето на неврзаните. Но, претседателот Кенеди го поддржувал само приватно, но не и пред Конгресот. А, земјотресот смени се, ги укина одлуките на САД за несоработка со Југославија и Америка презеде акција за помош на Скопје. Лоренс Игелбергер ги презеде работите околу американската помош. Тој подоцна ќе стане амбасадор во Југославија. Под негово раководство САД испраќа полска болница со 200 лекари, која ја пренесува од Германија. Само три дена по земјотресот почнале со работа, да спасуваат животи. Го нарекле Лоренс од Македонија. Тој до крајот на животот ќе ја поддржува Македонија.

-Како и Кенеди, така и лидерот на СССР Никита Хрушчов, кој немаше добри односи со Југославија, решава да ја поддржи земјата, а доаѓа и во Скопје да го види разурнатиот град и да донесе помош. Американски и Руски војници дојдени да пружат помош, тука во Скопје си подаваат рака едни на други. Помошта за Скопје станува прва точка пред генералното собрание на ОН. Меѓународната помош доаѓа од речиси сите држави. Помошта продолжува и доцна по земјотресот. Урбанисти и инжинери од сите профили изработуваат план и го градат Скопје, рече Иванов.

Тој потсети и на заложбите за помош на таткото на сегашниот генерален секретар на НАТО, Јан Стотенберг, Јан, кој бил дипломат во Белград, на тоа дека многу уметници подаруваа свои дела и дека Скопје и денеска ја слави меѓународната солидарност. За да ја долови разноликоста, мултиетничноста и мултикултурноста на Скопје, тој ја раскажа и биографијата на најпознатата скопјанка Мајка Тереза, која пред својата смрт, дојде од Калкута да го види родниот град, како и на Гркот Зорба, за кого се напишани романи и е снимен филм кој добива три оскари и чие вечно почивалиште е во Бутел.

-Сакам да укажам на моќта на меката културна дипломатија, сакам да кажам дека на светот му се потребни лидери посветени на мирот, како Кенеди, како Мајка Тереза, како личностите кои се посветија да му помогнат на Скопје, како луѓето кои тогаш решија да го обноват дијалогот и покрај тогашните состојби и предизвици на планетата. Како и секој хуман граѓанин, секоја душа посветена на мирот и соработката, на хуманоста, рече тој.

Инаку, на свеченото отворање, предвидени се обраќања и на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и директорот на Институтот за културна дипломатија Марк Донфрид.

Ќе се одржи претседателски панел на кој ќе се обратат поранешните претседатели на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Република Србија, Борис Тадиќ, на Република Бугарија, Петар Стојанов, на Република Албанија, Бамир Топи и поранешниот претседавач на Федерацијата Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, кои ќе говорат на темата „Западен Балкан – Културен дијалог и размена“. Меѓу бројните странски гости кои ќе говорат на форумот ќе бидат и Армин Лашет, кандидат за германски канцелар и премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Ана Линде, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска, Елмар Брок претседавач со комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент 2012-17, поранешните премиери на Молдавија, Наталија Гаврилита и на Либан, Хасан Диаб, како и актуелни членови на парламентите на Шкотска, Хрватска, Романија, Ирска и на Европскиот парламент.

Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 е во ко-организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилазиите“. Се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир (2022-27), којшто е петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија.