Убаво е да се биде хуман и да се помогне на луѓе западнати во проблеми, непогоди… Убаво е и кога лицата кои ја добиле помошта потоа ќе ја искажат благодарноста за подадената рака за помош.
Сето тоа се случи и не така одамна, кога Турција ја погодија катастрофални земјотреси. Македонија побрза да помогне, прати спасувачки екипи, а се собраа и многу средства кои беа испратени во најразрушените делови на Турција.
Турција тоа не го заборави и во градот Малатија каде земјотресот беше немилосрден сега има и ново средно училиште кое е наречено – Македонија. Именувањето на современата четирикатница направена по сите стандарди е израз на благодарност на Турција за помошта којашто е дојдена од нашата држава.
Турските пријатели, очигледно, својата почит и благодарност ја искажаа на мошне убав начин. Тамошните ученици при секој влез во школото ќе се потсетуваат на дадената помош од пријателска Македонија.
А Турција кога искажала благодарност кон пријатели кои и помогнале водела сметка и за почитување на нивните чувства и ставови. Тоа го покажува и изборот на името на училиштето коешто е наречено „Средно училиште Македонија“. Значи, без додавката „Северна“.
Го видоа ли овој потег македонските власти? Што велат тие, може ли во нашата држава сега да се стави име на училиште – „Македонија“? Или најважно е да се гледа напред кон посветлата иднина?