Експресно усвоени измените на Кривичниот законик за намалување на казните за злоупотреба на функција

Македонското Собрание вчера попладне експресно ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предвидуваат ублажување на казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи. За донесувањето на измените беа потребни само два дена и употреба на „европско знаменце“. Според Владата, која ги предложи овие измени, станува збор за усогласување со директивите на Европската Унија, додека опозицијата тврди дека тоа е обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Предложените законски измени кои беа изгласани со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, во Собранието вчера ги образложи заменик министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ. Таа рече дека од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ.

-За да нема забуни и дилеми зошто Законот е со европско занаменце, нагласувам дека предвидува 38 члена од кои 35 се со директивите на ЕУ. Вчера кога го давав Предлогот зошто треба да биде со европско знаменце и по скратена постапка, напоменав дека целта е усогласување со европското законодавство, истакна Аврамовска – Мадиќ.

Предлог – измените беа остро критикувани од пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои не поднесоа амандмани со став дека е предоцна за тоа. Според пратеничката Гордана Силјановска Давкова, овој закон обезбедува механизам за потенцијална амнестија.

– Овој закон обезбедува механизам за потенцијална амнестија на оние за кои секој ден слушаме што прават. Јасно е која е основната причина за донесување на овие измени – да се заштити криминалот и корупцијата. Денеска измените на Законот обезбедија заштита на криминалот и корупцијата, а преседан е и тоа што не е присутен министерот кој не стои на корицата на Законот, а по функција е тој што го персонифицира Министерството за неправда, потенцира професорката и пратеник – Силјановска Давкова.

Од СДСМ зборуваше пратеничката Снежана Калевска Ванчева кој ги праша колегите од опозицијата дали можеби им смета прецизирањето на одредбите со кое ќе се овозможи ефективно и ефикасно водење на кривичните постапки.

– Не можам да разберам како сфаќате што е приватен интерес. Дали проширената конфискација или усогласувањето на членовите од главата 22 (кривични дела против животна средина со европска регулатива)? Дали е и царинската измама приватен интерес? Како со таква леснотија кажувате дека овде се работи за приватен интерес освен ако немате некои такви искуства, но тоа е сосема друго. На кого му смета прецизен опис на законските одредби, дали сакаме да имаме прецизни законски одредби за да имаме ефективно и ефикасно водење кривични постапки со завршница за сите што го прекршиле законот?, рече Калевска Ванчева.

Вицепремиерот Артан Груби изјави дека измените во Кривичниот законик, освен што се хармонизација со европското право, се и барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Македонската и албанската опозиција да си ги усогласат ставовите, затоа што македонската опозиција вчера на пленарната седница не гласаше „против“ измените во КЗ, кои се хармонизација со европското право, туку остана на седницата, правеше кворум и го усвои дневниот ред. Истото се случува и денеска на Комисијата за европски прашања, рече Груби, одговарајќи на прашањето дали овие измени се политичко пазарење со ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во гостувањето на Канал 5 Телевизија ја отфрли изјавата на вицепремиерот Груби и кажа дека е неточна. Според него, измената на КЗ е срамен чин на демократијата, а интенцијата на власта е да се заштитат од криминалот што го правеле. Мицкоски дополни дека единствен начин да се побара одговорност е само на избори, а за шпекулациите дека овие измени претставуваат премолчен договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, рече дека се лага.

– Тоа го отфрлам како голема лага, не постои никаков договор, ниту пак имам намера да правам какви било договори, рече рече тој.

Претходна вестВчера имаше вкупно 19 пожари на отворено и сите се изгаснати до утрово
Следна вестМакедонската царина заплени 4 тона апчиња и гел за потенција