Три нови сали со нова опрема и апарати за интервентната кардиологија, радиологија и оториноларингологија се пуштени денеска во ГОБ „8-ми Септември“. Нивното користење се очекува да го намали бројот на чекања за коронарографии, каротидографии, ангиографии и стентирања. Инсталирани се апарат за мамографија што може дневно да опслужи 60 пациенти, апарат за ултразвук, компјутерски томограф, два најмодерни дигитални апарати за конвенционални РТГ графии и апарат за навигација.
Салите ги пуштија во употреба премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Фатмир Меџити и директорот на ГОБ „8-ми Септември“ Христијан Костов. Ковачевски упати посебна благодарност до народот на Јапонија кој, како што напомена, донираа дел од средствата со кои денеска салите се пуштија во употреба. Министерството за здравство преку својата соработка со Светската банка и болницата ГОБ „8 Септември“ ги обезбедија останатите средства за комплетно инсталирање на оваа современа опрема.