Заев за грчка телевизија: Очекуваме грчката страна да ги смени сообраќајните знаци кои „водат“ во непостоечка земја со кратенката „ФИРОМ“

Очекување дека Грција ќе  ја исполни обврската целосно да го спроведе Преспанскиот договор бидејќи сега има одредено одложување, изрази Зоран Заев, поранешен македонски премиер. Во интервју за грчка телевизија Уан канал тој зборуваше за ратификацијата на меморандумите од грчкиот парламент, за неговиот „брат Алексис Ципрас “ и за изборите во СИРИЗА, војната во Украина но и иднината на Западен Балкан во Европската Унија.

-Во двете влади на Кирјакос Мицотакис, по договорот од Преспа, грчката страна потврди дека го прифаќа и дека ќе го следи спроведувањето на договорот. Ова ја покажува посветеноста на двете страни да останат оперативни и да ги реализираат вредностите на договорот. Од грчка страна има одредени одложувања, како што е одржувањето на Совет во втор степен како и ратификацијата на Меморандумите за соработка од грчкиот парламент. Очекуваме грчката страна целосно да го заврши делот од договорот со кој се обновуваат ознаките на патиштата, бидејќи е пет години по договорот од Преспа да се сменат сообраќајните знаци во Грција кои „водат“ во непостоечка земја со кратенката „ФИРОМ“, нагласи Заев.

Тој потсети дека досега грчките парламентарци гласаа за договорите кои произлегуваат од договорот од Преспа и се однесуваат на отворање на нов граничен премин меѓу двете земји. Канцеларијата за врски во Скопје се трансформира во Амбасада, Канцеларија за конзуларни, финансиски и трговски работи во Битола и на ниво на Генерален конзулат. Заев додаде дека оваа или почетокот на следната година граѓаните на Северна Македонија ќе го завршат процесот на промена на патните исправи со новото име на државата за што рокот е февруари 2024 година.

За Алексис Ципрас и неговата оставка од претседателската функција на СИРИЗА Заев рече:

-Знаете дека Алексис е мој брат. И ќе бидеме браќа до крајот на животот, бидејќи заедно имавме доволно храброст да ги „пресечеме“ овие бариери меѓу нашите земји и да изградиме братска соработка меѓу Грција и Северна Македонија, рече Заев.

Заев во интервјуто за Уан Канал нагласи дека неговите две деца студираат во Солун, бидејќи тоа е на само 100 километри од неговиот роден град Струмица кадешто сега живее и работи и додаде дека има бизнис релации со Грција и натаму го проширува бизнисот на неговите компании.

Претходна вестСе редат граѓански протести низ Македонија, каков е одговорот на Владата? 
Следна вестДоктор Даниловски: Ако е набавена биолошка терапија за малигните заболувања зошто смртността расте