На Државната кардиохирургија за првпат изведено ставање на стент на лак на аорта

Сложени операции на ставање стент на лак на аорта од сега се прават и на државната Клиника за кардиохирургија. Со тоа тешките пациенти веќе нема да се праќаат во Грција или во Словенија кадешто единствено во регионот се извршуваат ваквите сложени кардио-интервенции. Операцијата се прави со полесна анестезија и пациентите покусо време остануваат во болница.

-Се работи за специфична метода, за првпат во Македонија, а и пошироко, ставаме стент на лак на аорта кај болест која се вика аневризма на лак на аорта. Станува збор за многу сериозна болест со многу висока смртност, доколку не се лекува. Кај нас на Клиниката досега се работи рутински хируршки отворено лакот на аорта како метода и хибридно се работи, но за првпат ние ставивме стент на лак на аортата. Оваа метода се практикува кај пациенти кои имаат висок ризик од операција односно ние проценуваме дека не можат да издржат хируршки третман, рече доктор Никола Лазовски, специјалист по општа и суп специјалист по васкуларна хирургија на Клиниката за државна кардиохирургија.

Стентирањето го извеле кај пациент за кого процениле дека е високоризичен. Пред вградувањето на стентот пациентот имал операција за подготовка.

-Прво се направи бајпас – премостување на крвните садови за мозокот и за рацете, а една недела подоцна се реализираше оваа процедура со два мали, по три сантиметри, резови на двете раце и еден рез од 5-6 сантиметри во едната препона. Така се пласираше стентот. Пациентот четири дена по интервенцијата си отиде дома. Сега е на домашно лекување. Беше веќе на две контроли и сите параметри, компјутерската томографија, лабораториските параметри и клиничкиот наод укажуваат на позитивен исход. Кај него се е во најдобар ред во моментов, вели Лазевски.

Оваа метода било овозможено да се прави кај нас со отворање на хибридната сала, која беше промовирана во мај годинава. Од Клиниката велат дека планираат да воведат уште цела низа нови методи во хибридната сала кои ќе помогнат во лекување на болестите на артериите и вените преку стентирање.

Директорот на Државната кардиохирургија Марјан Шокаровски кој беше назначен откога министерот Фатмир Меџити го разреши од должноста кардиохирургот Сашко Јовев, најави нов оддел на Клиниката.

Претходна вест„Поетска епизода“ в недела во „Буква“ посветена на Скопје
Следна вестПробен лет на такси-летало во Израел