Националната опера и балет вечер од 20 часот ќе ја отвори новата сезона со изведба на обновената македонска опера „Лидија од Македонија“ на композиторот Ристо Аврамовски. Режисер е Пламен Карталов од Бугарија, обновата на режијата е на Трајко Јордановски, диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Сценограф е Панче Минов, а костимограф Елена Дончева.
Во насловната улога на операта ќе настапи Наде Талевска-Спасовска. Игор Дурловски ќе настапи во улогата на Павле, Драган Ампов во улогата на Силас, Марјан Николовски / Никола Стојчевски во улогата на Тимотеј, Васко Здравков во улогата на Ангелот човек, Ана Ројдева-Талевска / Катерина Стојановска во улогата на Асиа, Александра Лазаровска-Василевски / Елена Голомеова во улогата на Агиа и Марика Поповиќ / Соња Пендовска-Мадевска во улогата на Дина.
Ќе настапат хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Лидија од Македонија” е опера во два дела. Создадена е во 2001 година по нарачка на Македонскиот народен театар во чиј состав тогаш функционираше Операта. Либретото го направиле Гиј Шелеи и Дора Петрова (Франција) во препев на Лилјана и Јордан Плевнеш.
-Се работи за првата покрстена жена на европскиот простор од свети апостол Павле, која се викала Лидија и била од Македонија. Се обработуваат настани што се случиле во тоа време. Тоа е библиска тема, соопшти НОБ.