Поранешниот заменик министер за култура Јаневски тврди дека му изнудуваат пари во Идризово

Поранешниот заменик министер за култура Јанко Јаневски, кој сега издржува 9-годишна затворска казна во КПУ „Идризово“, тврди за ТВ Алфа дека е изложен на смртни закани од други затвореници, како и од затворски командир, кои се обидуваат да му изнудат пари.

Во изјавата за телевизија тој наведува дека заканувачите, осуденици од „Диво Насеље“ му барале во рок од 24 часа да достави 4.000 евра кај командирот. Заканата е дека, доколку не ги даде парите, ќе биде убиен и тој, и неговата сопруга и неговите деца. Јаневски во затворот отслужува казна за злоупотреба на службена должност и измама.

Тој наведува дека неговата голгота започнала пред два месеца кога од затворено бил префрлен во полу-отворено одделение.

-Голготата започнува врз рекетирање врз мене со закани по мојот живот, а во тоа е вклучен и командирот. После дојдоа и заканите од осудениците за случај „Диво насеље“, доколку во рок од 24 часа не му ги однесам 4.000 евра дома, а прво стануваше збор за некои 10.000 евра, па за 8.000 евра за да сега спадне на 4.000 евра, тој ќе дојде на смена и ќе ме убие. Стравувам за живот и повикувам да се спречат вакви кривични дела од лица во државна администрација, изјави Јаневски за ТВ Алфа.

Директорот на затворот Зоран Јовановски за Алфа изјавил дека ги повикал затвореникот и командирот на разговор и констатирал дека станува збор за „должничко-доверителски однос меѓу нив и лично недоразбирање, кое трае подолго време“.

Затвореникот Јаневски потврди дека имало средба и дека директорот му советувал да не оди преку медиумите, туку да пријави во Обвинителството, но поради сомнежот дека случајот може да се забошоти, решил да го изнесе во јавноста.

Претходна вестДвегодишно дете позитивно на Ковид почина на Детската клиника, имало повеќе коморбидитети
Следна вестПрв Фестивал за миленици „Пет фест Скопје“