Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 проценти. Договорот во МОН го потпишале претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
-Септемвриските плати во основното и средното образование повисоки за 15 отсто. Продолжуваме понатаму со потпишување на колективните договори за основно, средно и високо образование, напиша на Фејсбук синдикалниот лидер.
Министерот Шаќири рече дека му е чест што во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно над 35 отсто.
– Ова е само потврда дека навистина имаме намера да ги вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците што го заслужуваат во општеството затоа што се најважната алка во воспитно-образовниот процес, од што зависи квалитетот на генерациите што се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее, рече Шаќири.
Вработените во образованието со септемвриската плата добиваат 10 отсто согласно Општиот колективен договор (ОКД) за вработените во јавниот сектор и уште 5 отсто дополнително договорени во преговорите меѓу СОНК и МОН.