Директорот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, изјави дека во текот на ноќта во Поморавље биле фрлени три бомби врз куќи на претставници и лидери на Српската листа со цел да ги заплашат и принудат да ги напуштат своите домови. Тој обвини дека целта е етничко чистење на Србите, кое Курти, како што вели, континуирано го спроведува.
-Најпрвин околу 2.30 часот била фрлена бомба во дворот на Срѓан Ристиќ, директорот на УО ‘Пчелица Маја’, при што е причинета голема материјална штета, но, за среќа, членовите на семејството се добро. Истовремено, бомба била фрлена и врз семејната куќа и гаражата на Владица Аритоновиќ во селото Глоговце, кој е заменик-градоначалник на општина Ранилуг. И тука е причинета голема материјална штета, а во нападот нема повредени.
Во текот на ноќта била фрлена експлозивна направа кон куќата на Зоран Ристиќ од Ранилуг, директор на Центарот за социјална работа, но експлозија немало.
Курти почна да го реализира својот план првин со апсење тројца Срби, а сега гледаме дека се фрлени бомби врз три српски куќи. Очекуваме сериозно да се сфатат и истражат овие заканувачки напади врз претставниците на Српската листа бидејќи тие испраќаат јасна порака и закана до Србите да ги напуштат своите вековни огништа, рече Петковиќ.
„Канцеларијата ќе ги информира и меѓународните претставници за овие синхронизирани и планирани напади бидејќи таквите дела со карактеристики на тероризам не смее да се сфатат лесно“, додаде директорот на Канцеларијата.