Со непревземањето на било какво дејствие против сторителите на свирепите убиствa на животните од кое би произлегла одговорност за сторителите, јас гледам на системот како нивен соучесник, укажува Елена Пипонска, активистka за заштита на животните од здружението „Про анима“ од Берово. Во интервјуто за „Скопско ехо“ таа наведува дека се уште не видела дека некој самостојно реагира до надлежната институција дека негов роднина, комшија или пријател го напуштил миленикот, неговото потомство, несоодветно и нехумано се однесува или слично.
Јавноста е шокирана од неодамнешното убивање на мечката и на двете мечиња кај Жировница. Но, ова само се надоврзува на други свирепи постапки кон животните кои се убвиваат со пушки, секири, се камшикуваат…
–Несомнено, убивањето на мечката и на двете мечиња во Жировница е настан кој ја згрози јавноста, барем поголемот дел. Од друга страна, сведочиме на реакциите на жителите на селото кои во некоја мера го оправдуваа ваквиот чин, со образложение дека дивиот свет преставува закана за нивната безбедност. И ова е ситуација која ја имаме секогаш кога ќе се случи ваков или сличен настан, без исклучок. Имате граѓани кои реагираат против било која форма на насилство, а од друга страна граѓани кои не испуштаат прилика да го истакнат приматот на човекот врз сите останати.
Факт е дека во последниот период од неколку села низ државата имаше реакции за присуство на диви животни низ населени места и ваквото поведение, од дел од народ кој во повеќе ситуации покажа дека насиството го гледа како решение, беше да не кажам и очекувано. Меѓутоа, никаде не видов истите тие луге да се запрашаа, која е нашата одговорност како општество, па мечките дојдоа во населени места во потрага по храна? Како управуваме со отпадот кој дивите животни го препознаваат како храна? Дали не е апсурд да живееш во национален парк, а да повикуваш на убиство на диви животни? Дали уништвувањето на природата и дивиот свет е резултат на давањето под концесија на ловишта во национални паркови? Зошто за било кој проблем поврзан со животните сметаат дека оружјето е решение? Зошто реакциите не се насочени спрема институциите на системот? И дали користењето на оружје во ваков обем и пропагирање на насилство не е поголем проблем сам по себе?
На крајот од денот, цената за нефункционалноста на системот по однос на сите сегменти, за игнорантскиот однос на институците и службите кон проблемите за кои се надлежни, без исклучок ја плаќаат животните – со живот.
Дали случаите на суровост се доволно санкционираат во Македонија од страна на надлежните органи или сторителите на свирепи дела најчесто остануваат неказнети?
–Како здружение за заштита на животните често реагираме на нехуман и свиреп однос кон животните, меѓутоа институционалната реакција во најголем дел изостанува. Значи, проблемот е подлабок, кога ќе земете во предвид дека не зборуваме за недоволна санкција, туку за отсуство на било каква одговорност за сторителите.
Не можеме да изброиме колку реакции, претставки, кривични пријави имаат поднесено здруженијата, меѓутоа одговорите се бројат на една рака, а во ниту еден случај не сме биле задоволни од постапувањето и санкционирањето на оној кој постапил противправно. Сетете се само на колку случаи на труење на кучиња сме сведочеле, меѓутоа јас не знам за ниту еден случај на откриен и санкциониран сторител. Буквално, не се превзема ништо. Уште можете да наидете на службеници кои ви се смеат што се јавувате да пријавите мачење на животни, со образложение дека “тоа е само едно куче”.
Да бидам искрена, со непревземањето на било какво дејствие од кое би произлегла одговорност за сторителите, јас гледам на системот како нивен соучесник. Свесноста за постоење на неказнивост кај оние кои се спремни на било каков противправен чин, е нешто што сериозно ме загрижува и нешто кое јас сметам дека уште повеќе ги охрабрува истите да проблемите ги решаваат на “нивен начин”.
Како да се смени односот на дел од граѓаните кон животните, за да тие граѓани не постапуваат агресивно кон животните. Што треба да се преземе и прави?
– Неодамна на социјалните мрежи сретнав една изјава со која се согласувам апсолутно, а таа гласеше вака: “Додека луѓето не сфатат дека нивните деца не ги загрозува кучето кое е на улица, туку оној кој го оставил таму, проблемот никогаш нема да се реши.” Луѓето често се жалат без притоа да си го постават прашањето, како одредено животно завршило на улица? Како може да превенираат куче да заврши на улица? Јас повеќе од 6 години сум активист и се уште немам видено да некој од мојот град самостојно реагира до надлежната институција дека негов роднина, комшија или пријател го напуштил миленикот, неговото потомство, несоодветно и нехумано се однесува или слично. Неретко сведочам дека најгласни во забелешките за уличните кучиња се оние за кои јас знам дека се однесуваат неодговорно со миленикот или го напуштиле.
Забележете само колкав гнев демонстираат луѓето спрема здруженијата, спрема невладина организација, наместо истиот да го насочат на содветното место до соодветната институција, до вработениот кој е надлежен и должен да им помогне во решавање на проблемот и за тоа впрочем, зема плата. На овој народ, пред се му фали сериозна, континуирана и насочена едукација. Зад секое животно на улица стои човек и неговата неодговорност и проблемот ќе опстојуваа доколку нашата колективна свест за проблемите не се промени. Доколку одредено поведение не може да се превенира, секако мора да имаме и казнена политика која би делува воспитно и би го одвратила сторителот од повторно противправно дејстие. Во моментот, системот не си ја врши задачата ниту по еден основ и тоа е поразително.
Дали општеството доволни прави за заштитата на животните, мислам на бездомните кучиња, мачки и други животни. Што тука треба да се смени и прави?
– Морам да признаам дека во последните 10-ина години свеста на општеството по однос на бездомната популација на животни е во пораст. Меѓутоа, за мои лични очекувања, недоволна. Се уште на секојдневен основ сретнувам коментари и размислувања кои знаат да ме згрозат и неретко да се прашам како може некој воопшто да го помисли тоа, а камо ли да го напише јавно и да нема никаков проблем со тоа. Се прашувам од каде произлезе сета оваа суровост, злоба, па и примитивност во нас?
По однос на проблемот со бездомната популација на кучиња и мачки на Република Македонија и требаат пред се законски измени, национална стратегија за решавање на проблемот, јасна поделба на задачите за сите елементи на системот и сериозност, посветеност и труд од страна на сите инволвирани. Рецептот за добивање на решение го имаме, а проблемот со сериозна работа, може да се стави под контрола за кратко време. Ама за тоа треба да има интерес, кој јас, за жал не го гледам. И треба многу, многу работа.
За односот на општеството и што прави за послабите од нас, мислам дека одговорот ќе го најдете во одговорите на претходните прашања. На крај, само би сублимирала, на ова општество, на овој систем и на сите институции како чинители на истиот, им треба тотален ресет. И не само по прашањето за третманот на животните, туку генерално по однос на се што денешниот граѓанин го гледа како недостаток, проблем или потреба.