Под мотото „Непокор и слобода“ се одбележува 11 Октомври

Под мотото „Непокор и слобода“ денеска се одбележуваат 82 години од денот кога беше означен почетокот на Народно-ослободителната борба. Централната манифестација ќе се одржи пред Спомен-костурницата во Куманово, а во Собранието ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“. Цвеќе ќе биде положено пред спомениците на паднатите борци на НОБ во Скопје и во Прилеп, како и пред Спомен-костурницата во Куманово.

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, а во чиј состав ќе бидат и вицепремиерот Артан Груби, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество Азир Алиу, ќе присуствува на централната манифестација во Куманово.

Предвидено е обраќање на премиерот Ковачевски и културно-уметничка програма пред платото на Спомен-костурницата.

Во Скопје, владина делегација предводена од вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, во 10:30 часот ќе положи цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ Бутел во Скопје, а во 11:30 часот пред споменикот „Ослободителите на Скопје”, на платото кај Владата.

Како дел од чествувањето, во Прилеп владина делегација предводена од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу и пред Могилата на Непобедените.

Во Собранието ќе се одржи свеченост на која ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“ која годинава ја добива композиторот Љупчо Констатинов за животно дело во областа на културата и уметноста.

Во Собранието денеска седници ќе одржат собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.

Собраниски делегации ќе положат цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, споменикот на Кузман Јосифовски-Питу и споменикот на Жена Борец, како и пред Могилата на непобедените.

Денешниот ден, согласно Законот за празници, е прогласен за неработен во државата.

Пред 82 години со акција на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ е означен почетокот на антифашистичката борба во земјава во Втората светска војна. Истиот ден, борци на Првиот прилепски партизански одред ја нападнаа телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности. Македонскиот народ заедно со припадниците на останатите заедници самостојно се избори за својата слобода.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации и на НАТО, кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со почнат процес за промена на Уставот, што е услов Бугарија да го тргне ветото за продолжување на преговарачкиот процес.

Претходна вестСо неколку бомби и малку куршуми, но со многу храброст – на 11 Октомври почна остварувањето на вековниот стремеж за слободна Македонија
Следна вестВремето денес ќе биде сончево со мала до умерена облачност